Дебакл на Мицковски во Кичево!?

Предолгото тактизирање, играње топло ладно, соопштување на ставови преку Пеце Бунтур се чини дека го зема данокот од Мицковски. Партијата тоне во се поголемо незадоволство и поделби. Се повеќе членовите се прашуваат кој ја води партијата и каде?! Иако Македонскиот народ изразува секојдневно незадоволство од најавената промена на името и дека ќе го бојкотира референдумот Мицковски тактизира. Си одбра уште од пред месец дена имагинарен датум кога ќе го соопштел својот став (за кој се знае дека ќе биде округло па на ќоше) и го остави целиот народ и членството да се дави во калта на Заев.
Истовремено по „лидерските“ (лидерски е намерно во наводници, да бидеме прецизни) средби со Заев, Мицковски го прогласи за победа Законот за финансирање на партиите со кој што десетици и десетици милиони денари народни пари ќе се слеваат без потреба кај партиските моќници кои на таа сметка ќе можат да се конформираат бескрајно. Небулоза е за победа да се прогласи „самокорумпирањето“ кое е постигнато по пат на договор на отуѓените политички елити. Сето тоа го гледа и членството и народот. И се таложи секојдневно незадоволството.
Затоа и реагираат вака, со апстиненција. Веќе не излегуваат на прошетките во природа, по сокаци. Ниту на Заев, ниту на Мицковски. Она што во минатата година се случи како политичка проституција со националните интереси досега требаше на ВМРО да му донесе двоцифрена предност на рејтинзите. Наспроти на тоа ИРИ му измери 2 проценти на Мицковски што е рамно на статистичка грешка. А допрва ќе го плаќа данокот на самозаљубеноста и тој и ДПМНЕ. Одењето по паметот на „глумец“ дека не смее да се дозволи идеолошко укрупнување на партијата и по секоја цена сите неистомисленици треба да се држат што подалеку ја расцепи партијата на ситни парчиња и ја води кон понатамошно пропаѓање.
Да потсетиме нема никој виновен за катастофалниот резултат на локалните избори. ВМРО немало таков резултат никогаш во својата понова историја, односно по реоформувањето. Ама, нема никој виновен. Само наградени. На пример Мицковски ја водеше градската листа во Скопје и помина катастрофално. Во своето избирачко место, каде што живее исто така беше поразен катастрофално. Дали по тоа треба да има политички консеквенци или да се награди со наместен конгрес?! Има нешто труло во „Белата палата“. Најсетне со кој се преговара за да партијата биде вака аморфна, вака пасивна? На кој му е од интерес молчењето да стане политичка филозофија? Сите што барем малку ја познаваат славната историја на ВМРО знаат дека ДПМНЕ сега само името што го носи му е исто со таа историја.
Е затоа нема народ. И ќе нема и во иднина. Ќе паднат во вода поделените директорски функции на сите во „Белата палата“. Во меѓувреме Антонијо Милошоски граби на терен и добива симпатии за своите јасни и вмровски ставови. Филип Петровски исто така ужива голема поддршка во цела Македонија. Тој ја зазеде тврдата позиција и јавно повика на Бојкот пред сите останати. Се повеќе комитети јавно истото го прават. И во Македонија и задрграничните. А Мицковски молчи. Или остава на Петар Богојески да му ги соопштува ставовите. И се прави дека не е од тука. Сметката на ова калкулантство ќе биде голема и погубна. Се надеваме само дека Македонија ќе може да ги преживее овие дворски игри.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.