Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени кога маж влета со автомобил во толпата собрани на фестивалот на филипинската заедница во Ванкувер во саботата вечерта, соопштија денеска официјални лица.
„Девет лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во она што полицијата во Ванкувер го опишува како напад со автомобил“, изјави премиерот Марк Карни, кој го откажа својот прв предизборен митинг на последниот ден од кампањата пред утрешните избори, пренесува АП.
Според него, во тек е истрага за да се утврди како и зошто се случил овој страшен напад.
„Властите потврдија дека едно лице е во притвор и се верува дека дејствувало самостојно“, рече тој.
Полицијата соопшти дека 36-годишен маж од Ванкувер бил уапсен на местото на настанот, а Единицата за сериозни злосторства ја надгледува истрагата.
Во овој момент, уверени сме дека овој инцидент не е терористички акт“, соопштија од полициската управа рано утринава.
Вршителот на должноста началник на полицијата во Ванкувер, Стив Реј, на прес-конференција рече дека човекот бил уапсен откако првично бил приведен од случајни минувачи.
Видео кое кружи на социјалните мрежи покажува млад човек во црн дуксер како се потпира на ограда од синџир, покрај чувар, опкружен со минувачи кои викаат и пцујат по него.
„Жал ми е“, прозборе тој, држејќи ја раката на главата.
Реј одби да го коментира видеото, но рече дека лицето кое е во притвор е „осамен маж“ кој и бил „познат на полицијата под одредени околности“.
Карни рече дека властите не веруваат дека постои активна закана за Канаѓаните.
„Синоќа, семејствата изгубија сестра, брат, мајка, татко, син или ќерка. Овие семејства го живеат кошмарот на секое семејство. На нив и на многуте други кои се повредени, на филипинско-канадската заедница и на сите во Ванкувер, сакам да изразам најдлабоко сочувство“, рече Карни.
Возило влегло на улицата каде се одржувал фестивалот во 20 часот и 14 минути во саботата и удрило луѓе кои присуствувале на собирот денот на „Лапу Лапу“, соопшти полициската управа на Ванкувер на социјалните мрежи, пренесува Танјуг.