Девет лица се уапсени под сомнение за воени злосторства во Косово

Девет лица се уапсени на северот во Косово под сомнение дека извршиле воени злосторства, јави приштинската телевизија Клан Косова.

Дирекцијата за истрага на воени злосторства, со поддршка на други специјализирани полициски единици, по наредба на Специјалното обвинителство на Косово, рано утрово спроведе операција под кодното име „Досие 23“ во општина Зубин Поток.

Полициската операција е поврзана со случајот познат како „Група интелектуалци“, додека Специјалното обвинителство и косовската полиција ќе ја информираат јавноста за дополнителни детали во врска со операцијата и преземените дејствија.

Кон крајот на јуни и почетокот на август, во близина на селата Мала Калудра и Јабука во општина Зубин Поток, беа извршени ископувања, а во таа прилика беа пронајдени и останките на 23 лица од таканаречената „Група интелектуалци“.

ДНК анализата на трите останки завршена во Хаг потврди дека станува збор за членови на „Групата интелектуалци“ кои исчезнаа на 19 април 1999 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: