На портал за барање партнери една девојка напишала писмо дека идниот маж мора да заработува многу пари и објаснила зошто. Добила неочекуван одговор. „Младата и убава девојка“, како што самата се опишала на форумот побарала совети што треба да направи за да се омажи за богат човек. Ова било нејзиното барање:
„Ќе бидам искрена во она што ќе го напишам. Имам 25 години и сум многу убава. Имам стил и добар вкус. Мојата желба е да се омажам за човек кој заработува најмалку 500.000 долари годишно. Можеби сметате дека претерувам, но според мене, заработката од милион долари годишно во Њујорк спаѓа во средната класа. Моето барање е сосема нормално. Има ли некој на овој форум кој годишно заработува 500.000 долари, а воедно, е и неоженет? Ако има некој таков, за него имам едно прашање: Што треба да направам за да се омажам за тебе? Оние кои досега ги запознав имаа годишна плата од најмногу 250 илјади долари и изгледа дека тоа е мојата горна граница. Но, за некој кој сака да се пресели во луксузен кварт на западот од Њујорк, 250.000 долари едноставно не се доволни.
Затоа, ги поставувам следниве неколку прашања:
Каде најчесто се движат богатите ергени? Наведете ми адреси од баровите во кои тие излегуваат!На која возрасна група треба да и се посветам?
Зошто поголемиот дел од сопругите на богаташите се со просечен изглед?!
Како одлучувате која ќе биде ваша сопруга, а која само девојка?
Со почит, Госпоѓица Убава“
До Госпоѓицата Убава набрзо пристигнал и одговор и тоа од страна на директор на една банка: „Го прочитав твоето писмо со големо внимание. Постојат многу девојки кои имаат слични прашања како твоето. Дозволи ми да ти одговорам на истото од професионална гледна точка. Мојот годишен приход моментално е поголем од 500.000 долари, што ги задоволува твоите потреби. Од деловна гледна точка, одлуката да се оженам со тебе би била лоша. Игнорирајќи ги одредени податоци, да се обидеме да го гледаме тоа како размена на „убавина“ за „пари“. Личноста А нуди убавина, додека личноста Б таа убавина ја плаќа со пари. Меѓутоа, тука постои еден сериозен проблем. Твојата убавина ќе исчезне, но моите пари нема, не барем без влијанието на некој надворешен фактор. Факт е дека мојот приход може да се зголеми со текот на годините, додека речиси и невозможно е од година во година ти да стануваш поубава.
Затоа, од економска гледна точка, јас сум сопственик на имотот, а ти си амортизација на имотот. Доколку твојот имот е само убавината, таа за десетина години нема да вреди ништо. Со речник од „Wall Street“, секое тргување има почетна точка, а состанокот со тебе би бил „почетната точка на нашата меѓусебна трговија“.
Така, ако вредноста на нештото опаѓа, истото ќе биде продадено затоа што не е добра идеја нешто кое што пропаѓа да се чува подолг временски период. Можеби ова ќе звучи грубо, но со пропаѓањето на твојата убавина, бизнисменот ќе те продаде или барем ќе те даде под „закуп“. И внимавај девојко, секој кој заработува по 500.000 долари годишно, веројатно не е будала! Можеби ќе излезе со тебе, но нема да те ожени. Би те советувал да се откажеш од својата потрага за богат човек. Инаку, можеш и самата да станеш успешна и да заработуваш по 500.000 долари годишно. Во тоа имаш поголеми шанси отколку да се ожениш со богата будала!“