Таканаречените европејци почнаа со своите надмудрувања колку насто од граѓаните на Државата донеле своја, лична одлука за Референдумот, изумувајќи ја елементарната вистина дека сите – да, токму така, с и т е! – граѓани донесоа своја одлука за Референдумот. Едни решија (што значи, о д л у ч и ј а!) да не излезат на Референдумот. Други одлучија/решија да излезат на Референдумот. Едни, од тие што одлучија/решија да излезат на Референдумот, сигурно дека биле против референдумското прашање. Втори, биле воздржани или намерно погрешно го пополниле референдумското ливче. Трети (повеќе од сигурно!) одлучиле во корист на референдумското прашање. Меѓутоа, нејасно е колку од нив биле за влез во ЕУ и НАТО, како што и нејасно е колку од нив биле само за влез во ЕУ, без влез во НАТО. Понатаму, нејасно е колку од нив биле за влез во НАТО, но не и за влез во ЕУ. Уште понејасно е колку од нив не биле ни за влез во ЕУ, ни за влез во НАТО, туку биле за промена на името, бидејќи суштинското (ц е н т р а л н о т о!) прашање не беше да се влезе или не во ЕУ и НАТО, туку овие прашања требаше да послужат само како маска за промена на името. И, според тоа, за ревизија на македонската историја, јазик, традиција…
Едноставно, овој референдум покажа дека огромното мнозинство граѓани одлучиле/решиле да не излезат на Референдумот, без разлика од кои причини. Значи, без разлика дали затоа што биле против влез во ЕУ и НАТО; против влез во НАТО, а за влез во ЕУ или… И, да не набројувам колку сè мотиви и комбинации постојат на овој план заради што огромното мнозинство на македонските граѓани одлучиле да не излезат на Референдумот. Одлучувајќи да не излезат, о д л у ч и л е (нека биде и посредно) името Република Македонија да не се менува, ниту Договорот од Преспа да се прифати. Сè друго е само празно/шупливо брборење, под нивото на било која демагогија.
П.С. Не ми е јасно со кое право „европејците“ не ми дозволуваат и јас да бидам европеец, само затоа што се залагам за поинаква и поправедна Европа од „нивната Европа“.