Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара oд Мицкоски да поднесе оставка

ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција преку соопштение го повика лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски итно да поднесе оставка од функцијата претседател на партијата. Како што велат, тие тоа го бараат поради сознанието дека против него се води предистражна постапка за времето на неговото директорување во ЕЛЕМ.
„Како демократи по убедување ја почитуваме пресумпцијата на невиност, но како партија која настојува да ги негува демократските принципи и вредности сметаме дека оваа покрената постапка може да и наштети на партијата во понатамошното нејзино функционирање и дејствување. Мотив повеќе за барањето оставка е опасноста од уцена на лидерот за да ги прифати неразумните барања на СДСМ во замена за негово поблаго казнување или стопирање на започнатата постапка, а кое би било на штета на државата и граѓанството.


Истоа така како Фракција сме загрижени од можноста преку барањата за измени на кривичниот законик, партијата по којзнае кој пат да биде ставена во заштита на криминалот направен од страна на поединци“, смета фракцијата.
За Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ оставката од лидерската или било која друга партиска или државна позиција во случај на водење на предистражна или истражна постапка е убава и идеална можност секој осомничен или обвинет да ја докаже својата невиност без притоа да ја користи партијата, позицијата или сопственото членство за негова поддршка или заштита.
„Доколку во најкраток можен рок Христијан Мицковски не поднесе оставка од претседателската позиција, заради заштита на партијата и државата Фракција ќе биде принудена да почне со собирање потписи од членството за одржување на итен вонреден Конгрес на партијата на кој би се избрал нов партиски лидер без било каква хипотека. Лидер кој нема да биде ничиј заложник и кој достоинствено ќе ги брани националните и партиските интереси“, се вели во соопштението на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.