За време на вчерашниот протест во Тирана, двајца демонстранти се обидоа да ги скршат вратите на зградата на албанскиот Парламент – која се наоѓа спроти седиштето на Владата – користејќи метална шипка. Полицијата интервенираше и приведе неколку учесници во демонстрациите.
Според „Еуроњуз Албанија“, демонстрантите удирале по вратите на зградата со метална шипка, а наводно биле фрлани и камења кон објектот. По инцидентот, полицијата постави кордон околу зградата и приведе неколку демонстранти.
Протестот започна околу 14:00 часот пред Министерството за образование, каде што учесниците се задржаа околу час и половина, по што се упатија низ улиците на Тирана кон седиштето на Владата, на булеварот „Маченици на нацијата“ (Dëshmorët e Kombit).
За време на маршот, демонстрантите поставија контејнери за ѓубре на коловозот, запалија еден контејнер, поради што сообраќајот беше во прекин околу 15 минути. Маршот продолжи долж обиколницата на Тирана, придружуван од полициски сили, а до 17:00 часот демонстрантите се собраа пред зградата на Владата.
Според локалните медиуми, протестот првично се одвиваше без директни судири со полицијата – која го следеше движењето на учесниците – но подоцна дојде до инциденти пред зградата на Парламентот.





