Денеска ново рочиште за двојното убиство на Вања и Панче

Продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче. На денешното рочиште ќе бидат сослушани нови сведоци. На претходното сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која рече дека воопшто не се посомневала дека Вања била киднапирана, но нејзиниот маж од првиот момент тврдел дека е киднапирана.

Не го познава лично Љупчо Палевски Палчо. Пред судот сведочеа и ќерката на велешанецот Панче Жежовски и неговиот зет кои открија недоразбирања и судски спорови меѓу убиениот Жежовски и еден од обвинетите за убиството, Велибор Манев.

Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ изјави пред медиумите дека денеска е битен исказот на мајката на починатата, Вања Ѓорчевска – Зорица затоа што, како што вели, се расчистија сите шпекулации и мистерии од откривањето на настанот. Смета дека исказот дава логичен тек на работите и се потврдува тезата на одбраната на Александар дека лицето нема никаква инволвираност.

-Самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено во тој момент. По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, појасни дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал и појасни во која насока она го разговара неговото толкување и мислење дека Вања е киднапирана. Таа појасни дека тој не можел да се помири со фактот и дека им верувал на децата. Затоа неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен киднапирање. Сите биле вознемирени, со цел да се пронајде детето, рече адвокатот.

Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември, а пронајдени мртви на 3-ти декември 2023-та година.

На првото појавување во судот на 20-ти септември обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина и го оспорија мотивот користољубие. Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се обвинети за соучесништво, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е во домашен притвор, е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Пронајдете не на следниве мрежи: