Со истите барања за заминување на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе предвремени парламентарни избори, Обединетата албанска опозиција за денес го најави одржувањето на „најголемиот национален протест“. Од февруари, кога почнаа протестите, досега се одржани осум протести, од кои шест пред Парламентот, а два пред Владата. И денес ќе се протестира пред Владата, но за разлика од претходно, протестот почнува во 18 часот.
Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, од градот Фиер рече дека „криминалната банда на Еди Рама мора да си замине“.
– Еди Рама и неговата банда мора да си одат и треба да знаат многу добро дека избори без опозиција нема да има. Каузата за ослободувањето на Албанија од бандата на Еди Рама е прифатена од огромното мнозинство Албанци – рече Баша. Тој преку преку социјалните мрежи упати последeн апел пред денешниот протест, за што помасовно учество.
– Во сабота во 18 часот сите во Тирана! За вистински стандарди, за благосостојба на секој Албанец, за нашиот дом, за нашите деца, ЗА АЛБАНИЈА КАКО ЦЕЛА ЕВРОПА! – напиша Баша.
Албанската полиција е во целосна готовност. Ќе бидат ангажирани повеќе од 1.300 припадници на полициските единици. Пред Владата се поставени безбедносни камери, соодветни заштитни огради, како и заштитни решетки на позорците и вратите.
Синоќа претседателот Илир Мета преку социјалните мрежи, на власта и опозицијата им порача дека е „неопходно да се создаде нова клима во која ќе се сослушаат еден со друг, а посебно да се дозволи критичко размислување, така што општеството ќе може постојано да се рефлектира и реформира“.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.