Денес е Велики четврток – и на најголемите грешници им се простуваат гревовите

Православните христијани денеска го одбележуваат Велики четврток во знак на сеќавање на последното јадење на Исус Христос, Тајната вечера. На Велики четврток е востановена и Светата тајна причест, поради што се верува дека и на најголемите грешници кои денес ќе се причестат, гревовите ќе им бидат простени.
Меѓу народот за Велики четврток постојат разни верувања и обичаи, но при одбележувањето нема веселење, туку само собири. Во раните утрински часови, пред изгрејсонце, домаќинките вапсаат три црвени јајца, кои според верувањето не се расипуваат. Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото е за бериќет и за стоката.
Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос. Како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Таа ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.