Денес е Света Петка-летна, заштитничка од несреќи и многу болести

Имено, во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е света Петка – Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и со домашни слави се празнува на 27/14 октомври. Поради тоа и другите две се идентификуваат со неа. Ефтим Спространов во записите на обичаи и верувања од Охрид сведочи дека се правело разлика меѓу Петковден, празникот во октомври и света Петка од 26 јули (стар стил). Тој уште сведочи дека на овој ден од градот и од селата оделе на манастирот посветен на света Петка во близината на Охрид.
Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхристијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева
значи подготовка.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести. Со нејзиното име се поврзани и чудотворни икони и многу лековити води наречени петочни води. Оттука и празнувањето на петокот како посебно тежок ден во неделата. Според некои записи од минатото во некои наши краишта (на пр. Мариово) петокот се празнувал повеќе од неделата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.