Денес е спомен на Светите апостоли Архип, Филимон и Апфиј: Кој е неверен во малку и во многу е неверен

Светите апостоли Архип, Филимон и Апфија
Архип беше еден од Седумдесеттемина. Апостолот Павле го спомнува во Посланието до Колосјаните и во Посланието до Филимон, нарекувајќи го другар во војувањето. Во градот Колоси центар на христијанството беше куќата на Филимон. Овде христијаните се собираа на молитва.
Ова го спомнува свети Павле пишувајќи му на Филимон: „твојата домашна црква“. Во тоа време апостолите ги ракополагаа своите ученици за епископи, и тоа некои од нив на постојани места, а некои како патувачки мисионери по разни места. Филимон беше од овие последниве. Неговата жена Апфија постеше и ѝ служеше на домашната Црква. Во времето на еден празник на незнабожната божица Артемида, сите верни во Колоси беа собрани во домот на Филимон на молитва.
Незнабожците дознаа за ова собрание, навалија и ги испофаќаа христијаните. Филимон, Архип и Апфија како водачи прво ги избија, потоа ги закопаа до појас во земја и почнаа да ги каменуваат. Така ги убија Филимон и Апфија, а Архип го извадија од дупката одвај жив, за разонода на децата. Децата сиот го избодоа со ножеви. На тој начин овој Павлов другар во војувањето добро го заврши својот подвиг и патот на земниот живот, и се престави кај Господа.


Беседата за денешниот ден вели:
Кој е неверен во малку и во многу е неверен.
И ако во Туѓото не сте верни, кој ќе ви даде повеќе?
Затоа денеска на оној кому му се даде материјално богатство и се покаже како себичен, тврд, немилостив и безбожен, тој не треба да се надева на духовно богатство, бидејќи кога си неверен во малку, ќе бидеш неверен и во многу, кога си неверен во телесно, ќе бидеш неверен и во духовно.
Преподобен Доситеј
Ученик на славниот авва Доротеј, којшто живееше во киновијата на Преподобните Серид, Јован и Варсонуфиј Велики. Доситеј беше роднина на еден војвода и во Јерусалим дојде да ги види светите места. Еднаш додека гледаше во сликата на Страшниот Суд во една црква, му се приближи една жена во порфирен фустан и му ја објаснуваше. А најпосле, при разделбата, му рече дека ако сака да се спаси треба да пости и често да Му се моли на Бога. Ова беше Пресвета Богородица. Срцето на младиот Доситеј се разгоре и посака монашки живот. Доротеј го прими за негов ученик и му нареди целосно да ја отсече сопствената волја и да го слуша својот духовен отец. Неколку дена му даваше да јаде колку што сака, а по извесно време почна да му скратува по една четвртина, сè дури не го навикна на најмало количество храна, постојано велејќи му: „Јадењето е навика и кој колку ќе се навикне толку и јаде“. Свети Доситеј се спаси и се прослави преку послушанието. Остана засекогаш за пример на монашкото послушание и предаденост на својот духовен отец. Овој млад светител живееше во 6 век.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.