Се нарекува уште и Светол вторник. Кај народот овој вторник се смета за најдобар во целата календарска година. Во некои места се одржуваат и свадби заради посебниот благодат, а ако дете се роди на овој ден ќе има голема среќа во животот. Денес на третиот ден од Христовото Воскресение, светол или велигденски вторник, продолжува да се слави во домовите на православните верници.
Во Водената седмица, како што се нарекува првата недела по Велигден, особено се признаваат, и по важност се издвојуваат Водениот вторник и Водената сабота.
Според старо народно верување, вторниците важат за баксузни денови, но тоа не важи и за овој вторник. Кај луѓето, Светлиот или Водениот вторник се смета за посебен ден, а благодетот од овој ден се пренесува на сопружниците и новооснованите семејства.
Се верува дека на овој ден не е добро да се пере, готви, шие, закрпува, особено не машка облека, или облека на момче кое оди во војска. Но, затоа пак, на овој ден добро е да се оди на пат. Доколку тргате на пат замислете желба и таа ќе се оствари, а на патот ќе ве следи среќа.