Денес инаугурација на Пендаровски во Собранието

Денес новоизбраниот претседател Стево Пендаровски ќе биде инаугуриран на седница во Собранието  со што и официјално ќе го започне неговиот петгодишен мандат. На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.
Досега потврда за присуство на инаугурацијата на Пендаровски пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од српскиот претседател Александар Вучиќ, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи, изјави за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери.
На инаугурацијата ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.
Преку Министерството за наворешни работи покани за присуство на инауграцијата се испратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.
Седницата би требало да започне на пладне, а откако ќе биде отворена новоизбраниот претседател треба да даде свечена изјава, ќе има обраќање пред народните избраници, по што ќе следува свечен коктел.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.