Денес и утре се одржува Самит Македонија 2025

На теми за глобалната економија и регионот во рамки на седмото издание на Самитот Македонија 2025 денес и утре во Скопје ќе дискутираат повеќе од 60 говорници од 20 држави. Самитот официјално започнува денес со поздравни обраќања на Ентони Б. Ким од фондацијата “Херитиџ“ – САД и на претставници од “Економист“, “Мекинзи“, Европската инвестициска банка…
Повеќе од 350 реномирани гости од целиот регион ќе имаат можност да слушнат за најдобрите светски практики во бројни актуелни области како: дигитална трансформација во бизнисот, производство на канабис за медицински цели, примена на најсовремените технологии во здравството, изградба на технолошко-иновативни центри, вештачка интелегенција и многу други.
– Целта на Самитот е да се стимулира соработка, размена на знаења и лидерски развој. Годинава го потврдивме учеството на повеќе од 60 врвни говорници од преку 20 земји, кои во рамки на над 15 интерактивни сесии, ќе дискутираат на теми релевантни за глобалната економија, но и за регионот. Ќе укажеме на најголемите економски предизвици на светско ниво, како што се трговските војни, масовните миграции, недостатокот на квалификувана работна сила и нивното влијание врз „малите“ економии, најавуваат организаторите.
Вчера пред официјалното отворање на Самитот се одржаа панел-дискусии посветени на образование, лидерство и успешни македонски стартапи во светот. Како дел од неформалните активности се одржа и средношколскиот натпревар “Најдобар бизнис концепт“. Првото место го освои тимот составен од: Ивана Стојановска, Вероника Станоевска, Ана Ставревска, Елени Темова за идејата DBN – Digital Balance Nutrition. По претставувањето на идеите во Белград и Сараево, беа прогласени и победниците на финалниот регионален бизнис натпревар поддржан од Фондот на Западен Балкан, каде првото место го делат Олга Рајчиќ од Македонија и Валентина Чолиќ од Србија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.