По состанокот во понеделникот кој беше прекинат заради нови информации за кои се потребни дополнителни консултации во врска со законското решение за амнестија на дел од учесниците во настаните во Собранието на 27 април минатата година подгрупата за помирување ќе расправа денес. Доколку се доуреди предлог-законот за амнестија тој треба да биде проследен до Координативното тело кое го предводат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група. Координативното тело има 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.