Групата демонстранти кои се собраа на централниот плоштад на шведскиот град домаќин пред да се упатат кон местото на натпреварот, вееја палестински знамиња и извикуваа „Евровизија обединета со геноцид“ – варијација на официјалниот слоган на настанот „Обединети од музиката“
Десетици илјади пропалестински демонстранти денеска излегоа на улиците на шведскиот град Малме, протестирајќи против учеството на Израел на изборот за песна на Евровизија, чие големо финале се одржува вечерва.
Организаторите на Евровизија, кои секогаш го опишуваат годишниот настан како неполитички, им одолеаја на повиците за исклучување на Израел од настанот, но побараа да се смени дел од текстот на израелската песна за да се отстранат, како што рекоа, алузиите на смртоносниот напад врз Израел од 7 октомври од страна на Хамас што ја предизвика војната, пишува ХРТ.
Групата демонстранти кои се собраа на централниот плоштад на шведскиот град домаќин пред да се упатат кон местото на натпреварот, вееја палестински знамиња и извикуваа „Евровизија обединета со геноцид“ – варијација на официјалниот слоган на настанот „Обединети од музиката“.
„Важно е да покажеме дека стоиме на вистинската страна за сите. Ова би можело да биде која било земја, а ние сè уште би стоеле овде бидејќи се работи за деца, мажи и жени кои се под окупација долги години“,
вели демонстрантка, чија изјава ја пренесува хрватскиот национален сервис.
Според полцијата во Малме на протестот кој помина мирно и без инциденти присустувале од 6 000 до 8 000 луѓе.
Финалето на натпреварот, кое е кулминација на ритмички песни и шарени костими почна во 21 часот.
Изминатите недели во повеќе земји во светот се случија бројни протести против војната на Израел во Газа, вклучувајќи ги и оние на универзитетските кампуси во САД.
Повеќе од 10 000 пропалестински демонстранти, меѓу кои беше и активистката за борба против климатските промени, Грета Тунберг одржаа ненасилен протест пред полуфиналната вечер во четвртокот
Мала група израелски симпатизери, вклучително и членови на еврејската заедница во Малме, истиот ден организираа мирен протест, бранејќи ја израелската соло уметница Еден Голан (20) и нејзиното право да се натпреварува.
Пропалестинските демонстранти се пожалија на двојни стандарди од организаторите на натпреварот Европската радиодифузна унија (ЕБУ), која и забрани на Русија да се натпреварува во 2022 година по нејзината инвазија на Украина.
Новинската агенција Ројтерс наведува дека фаворит на годинешното издание на Евровозија, според обложувалниците, е хрватскиот изведувач Бејби Лазања, чие вистинско име е Марко Пуришиќ (28) со песната „Рим Тим Таги Дим“, додека на второ место е претставничката на Израел со песната „Ураган“.
Инаку, годинешното издадение на Евровизија го одбележа и исфрлањето на претставникот на Холандија Јост Клајн од учество во финалето, поради инцидент кој според Европската радиодифузна унија (ЕБУ) не можело да биде толериран.
Националната новинска агенција на Холандија, АНП, соопшти дека според нивните информации се истражува наводен инцидент на пејачот со вработена во Евровизија и дека полицијата започнала темелна истрага за конкретниот случај.
Ова е првпат во историјата на Евровизија претставник на некоја земја да биде дисквалификуван за време на настанот. Клајн требаше да настапи како петти во финалето со песната „Европапа“.