Десничарската ЕПП би можела да заврши со околу 180 од 720 места во новиот состав на Европскиот парламент, а втората најсилна група во новиот состав, според излезните анкети и проекциите, остануваат централно-левичарските социјалдемократи, кои би можеле да завршат со околу 135 пратенички места
Десничарската Европска народна партија (ЕПП) е во водство на изборите за Европскиот парламент во Австрија, Кипар, Германија и Грција, објави германски „Дојче веле“ повикувајќи се на излезните анкети и проекциите од овие земји од денешното гласање на изборите за европратеници.
EПП би можела да заврши со околу 180 од 720 места во новиот состав на Европскиот парламент, што е стабилен резултат во споредба со изборите во 2019 година кога освои 176 места.
Ваквиот резултат би ги зајакнал шансите на актуелната шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за уште еден мандат како претседателка на Комисијата.
Втората најсилна група во новиот парламент, според излезните анкети и проекциите, остануваат централно-левичарските социјалдемократи, кои би можеле да завршат со околу 135 пратенички места.
По нив ќе следи либералната Обнова, која, според проекциите, би добила меѓу 81 и 87 места.
Се предвидува дека екстремно десничарската Идентитет и демократија (ИД) ќе добие околу 70 места, а помалку радикалната, но евроскептична Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) би имала нешто помалку од 80 пратенички места во новиот состав на Европскиот парламент.
Зелените би изгубиле значително и би завршиле со многу помалку од 60 европратенички места.
Анкетите покажуваат дека генерално, десничарските партии веројатно ќе постигнат најголем изборен успех досега.