Детската кардиохирургија заминува од скопските клиники. Најдоцна до Нова година, кардиохируршкиот тим кој го предводи д-р Чадиковски операциите на срце кај деца ќе ги прави во хируршките сали на некоја од приватните болници. Иако, велат уште ништо не е договорено се чини дека пикот е фрлен на болницата на д-р Жан Митрев, а здравствените услуги како и досега ќе ги покрива Фондот. Приватната здравствена установа, која и да биде избрана, за тоа годишно ќе зема околу еден милион евра.
– Секогаш се обидуваме да излеземе во пресрет на граѓаните, а кога ќе ги проверите анкетите, ќе видите дека тие пред се ги фаворизираат приватните болници, поради условите таму. Не може да се излезе во пресрет на сите барања, но децата ни се приоритет. Секаде каде што има простор да се спојат приватното здравство и државното здравство за да се подобрат условите, има логика да ги разгледаме овие модели, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Лекари коментираат дека со селењето на 25 члениот кардиохируршки тим, Детска хирургија ќе ослаби со кадар и за интензивна нега ќе доаѓа персонал од КАРИЛ. Но, министерот Филипче вели дека во игра била и дополнителната дејност, преку која можат да работат и на клиника и во приватна болница. Инаку годишно има околу 60 интервенции на срце кај деца.
Освен за детската кардиохирургија, здравствените власти планираат јавно приватно партнерство и за Брза Помош.