Марија Петрушева, мајка на загинатиот Андреј во пожарот во дискотеката „Пулс“, упати остри обвинувања до сведокот Дејан Манасиев, тврдејќи дека тој ја лаже јавноста и судот преку менување на својот првичен исказ даден во обвинителството.
Петрушева најави дека родителите на загинатите ќе поднесат кривична пријава против него.
Според Петрушева, постојат сериозни контрадикции меѓу она што Манасиев го изјавил веднаш по несреќата и неговото денешно сведочење во судницата. Таа истакна дека Манасиев, кој работел како шанкер во објектот, претходно потврдил дека плафонот бил спуштен и обложен со сунѓер, додека сега ги негира тие наводи.
„Дејан, седум твои колеги и другари загинаа. За кого лажеш? За твојот газда? Дека плафонот не бил спуштен? Сто сведоци кажаа дека е спуштен. Тој плафон со сунѓер, во кој имало цијанидни примеси, е причината нашите деца да бидат отровени како Евреите во логорите“, изјави Петрушева во емотивното обраќање.
Мајката на загинатиот Андреј посочи дека Манасиев првично и раскажал детали за последните моменти на нејзиниот син, кои целосно се разликуваат од неговото денешно тврдење. Таа вели дека поседува и докази од комуникација на „Месинџер“ каде тој опишува како заедно со Андреј и уште еден келнер се обидувале да се спасат во густиот чад.
„Тој ми кажа: ‘Тргнавме тројцата кон излезот, беше толку зачадено што ништо не се гледаше. Јас тргнав кон тоалетите за да видам дали има некое дете останато таму, додека Андреј и Ице се упатија кон излезот’. Денес, Дејан вели дека забележал 30 млади лица кои снимале со телефони и дека тоа го предизвикало стампедото, што е сосема спротивно од првичната изјава“, додаде Петрушева.
Дополнително, семејствата реагираат на изјавите на сведокот во врска со проодноста на помошните излези и бројот на противпожарни апарати. Додека Манасиев тврди дека една од споредните врати била отклучена и проодна, Петрушева вели дека други сведоци и фотографии од денот на пожарот потврдуваат оти на вратата имало катанец, а внатрешната квака воопшто не постоела.
„Во изјавата во обвинителството кажа дека имало еден, можеби најмалку два апарати, а сега веќе ги дотера до три. Не знам што се случува и зошто ја измени изјавата. Ова е контрадикторно и затоа ние родителите ќе понесеме кривична пријава против него“, нагласи таа.
Петрушева заврши со порака до сведокот дека неговата постапка не му служи на честа, особено поради фактот што во трагедијата ги изгубил своите блиски пријатели и колеги.



