Дива свиња се “прошета “ низ Куманово

Дива свиња движејќи се низ кумановските улици и градскиот плоштад ги преплаши граѓаните. Очевидци кои што сакаат да останат анонимни велат дека дивото животно првпат било забележано на улицата “Никола Тесла“, а потоа во близина на Градскиот стадион каде што дивата свиња туркајќи ја оградата, се обидела да влезе во дворот на градинката “Синоличка“. Следната локација каде што била забележана свињата е покрај училиштето “11 Октомври“ , Младинскиот културен центар “Козјак“, градскиот плоштад и на крајот во локалитетот Серава каде што од страна на надлежни служби е еутанизирана.
Екипи на Министерството за внатрешни работи во Куманово веднаш излегле на терен, откако биле алармирани од граѓаните. Заедно со нив на терен излегле и ветеринари.
Како што информираат надлежните, официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство издал решение за нештетно отстранување на трупот на дивата свиња, која е еутанизирана во сточарскиот ветеринарен центар “Тодор Велков” во Куманово.
– Станува збор за единка, за чие присуство во градот Куманово, во раните утрински часови било алармирано од страна на граѓани, а во чие заловување биле вклучени официјални ветеринари, припадници на Министерството за внатрешни работи и од ветеринарната станица “Тодор Велков”, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
При еутанизирањето на дивата свиња од страна на официјален ветеринар на Агенцијата, како што посочуваат надлежните, исполнети се барањата од законите за здравствена заштита и благосостојбата на животните.
Земени се мостри за лабораториско испитување и детектирање на евентуално присуство на вирусот на класична и африканска свинска чума.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.