Диета без конкуренција: Медитеранската исхрана прогласена за најдобра 4-та година по ред

Секоја година, американскиот „News & World Report“ ги рангира најдобрите диети за годината која е пред нас, а веќе 4-та година по ред, златниот медал го добива медитеранската исхрана.
Секој вид диета е оценувана врз основа на различни параметри, а успехот на табелата зависи од тоа колку е лесно да се следи одреден начин на исхрана, колкава е веројатноста таа да доведе до долготрајно губење на вишокот килограми и на крај, најважното – колку одредена диета е здрава и безбедна за примена, особено кај лицата со хронични заболувања.
Покрај титулата „најдобра диета“, медитеранскиот начин на исхрана добил награди и во други категории како што е прво место во категоријата „растителна исхрана“, во категоријата „безбедни диети за лица со срцеви проблеми“ како и во категоријата „наједноставна диета“.
Ваквите признанија не се изненадувачки бидејќи бројни истражувања откриваат дека медитеранската исхрана може да го намали ризикот од дијабетес, зголемено ниво на холестерол, деменција, депресија и рак на дојка.


Медитеранската исхрана содржи многу свежо овошје и зеленчук и малку црвено месо и шеќер. Концептот на медитеранската исхрана доаѓа од земјите кои граничат со Средоземното море, каде луѓето традиционално консумираат јаткасти плодови и здрави масти.
Кога станува збор за мастите, во повеќето случаи се употребува само маслиново масло, додека останатите масла и путери речиси немаат никаква вредност во овој начин на исхрана. Што се однесува до месото, застапено е помалку отколку во традиционалната кујна, а најголемиот фокус е ставен на рибата.
Покрај медитеранската исхрана, на самиот врв на листата се и Даш диетата и флекситарната диета. Заедничка карактеристика на овие начини на исхрана е тоа што во фокусот се ставени оброците полни со овошје и зеленчук, јаткасти плодови, житарици и семиња.
Од друга страна, за најлоши диети и оваа година се прогласени Дукан и кетогената диета.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.