Во почетокот на втората половина на претходниот век, кога на европската сцена се појави македонското прашање како акутно, положбата на македонскиот народ била неподнослива. Турската влада немилосрдно го ограбувала населението и го задушувала секој негов стремеж за слободен живот и нормален културен развиток. Се обидувала на секој можен начин да посее раздор меѓу луѓето со иста националност, да предизвика конфликт помеѓу различните националности и да ја оптовари работничката маса со неподносливи даноци. Турската влада ги штитела бандитите и нивните соучесници – владини чиновници и дозволувале непречено да се шират мито и корупција.
Сето тоа било вперено главно против Македонците, кои во поголемиот дел на државата ја сочинувале компактната маса и, природно, можеле да претставуваат опасност за турското самоодржување и за неговите развратни чиновници и бегови кои заземале високи позиции во локалните управи. Промените во економскиот живот на земјата, кои настанале како последица на реформите од 1839 (Ѓулхански Хатишериф) и од 1856 (Ѓулхански Хатихумајун), предизвикале нагло продирање на странскиот и домашниот капитал. Во врска со тие реформи се реорганизирани целиот административно-финансиски апарат, армијата и др. Потребите на државата и на феудалците, на чело со султанот, се зголемувале, бидејќи во земјата започнале да продираат индустриски производи од други земји.
Занаетите на македонското население сè повеќе пропаѓале и го отстапувале своето место на индустриските претпријатија. За да се задоволат потребите на раскошни индустриски производи од други земји, за расходите за луксуз кои го правеле феудалците, богаташите, како и државниот апарат, биле потребни сè повеќе пари кои се добивале со ограбување на населението. Државниот буџет бил во дефицит. За да се покрие тој дефицит се склучувале заеми под тешки услови. Каматите на лихварите и амортизацијата на тие заеми повторно биле платени од народот. Во 1863 Охрид плаќал 83 пати повисок данок од што плаќал во триесетите години на претходниот век. Со промените на економскиот живот во земјата и нејзиниот влез на меѓународниот пазар настанале многу промени и во односот меѓу селанецот и спахијата; данокот кој селаните го плаќале значително се зголемил. За купување на европски индустриски производи, за луксуз и раскош, спахиите имале потреба од пари, кои ги добивале преку зголемување на експлоатацијата врз селаните. Поради тоа, селаните биле принудени да ја продаваат својата земја на спахиите, за да можат да ги платат високите даноци, законските и незаконските давачки кои им ги наметнувала државата и локалните власти. Така спахиите станале комплетни господари на земјиштето, а турската влада, од своја страна, им помагала на спахиите во нивниот стремеж да го присвојат земјиштето и да ги направат селаните зависни (да ги закрепостат). Селаните работеле со целото свое семејство, од зори до самрак, а сепак живееле бедно.
Просветниот јавен работник Еничеров, кој поминл 12 месеци во Прилеп како учител, во 1884 година напишал: „На местото на некогаш богатиот и весел Прилеп – сите беа намуртени, замислени, мрачни и одеа со наведнати глави. Се водеше кон уништување, пропаст… Заработувачката воопшто не го осигуруваше ни најскромниот, најбедниот живот. Трговијата замре. Земјоделието опадна. Нема саеми. Некогаш богатото и густо населено на Прилепско Поле, денес се претворило во пустина. Европската индустрија го уништи занаетот…“
Во охридската чаршија трговијата била многу слаба. Во 1877 во Охрид имало 3100 куќи, а во 1890 само 2049 куќи. Во Велес, каде што порано имало 220 занаетчиски работилници, на почетокот на 20-от век имало само 60. Освен тоа, турските власти ја спречувале активноста на црковните општини. Тие правеле сè за да го спречат просветниот развој на Македонија. Цензурата делувала страшно. Зборови како: земја, тиранија, Македонија, Арменија, Албанија и др. не смееле да се употребуваат. Освен тоа, турската влада во својата политика се водела по принципот – „раздели па владеј“. Властите потикнувале едни нации против други, едни верски општини против други.
Бандитизмот бил еден од најстрашните камшици на населението во Македонија, особено во југозападните краишта. Разбојнички банди постоеле во секоја област. Секое село во Дебарската област било должно да избере разбојник како свој заштитник и да му плаќа годишен данок. Извештаите на руските и останатите конзули од тоа време се полни со податоци околу тешката положба на македонските селани и воопшто на македонското население во 80тите и 90тите години на минатиот век.
Од овие причини, незадоволството на населението растело од ден во ден и се изразувало во акции на протести и побуни; незадоволството кај македонците пораснало особено по националното ослободување на Бугарија, додека Македонија како и претходно останала под султанското ропство. Тоа незадоволство се оцртувало во протестите кои македонското население му ги упатувало на претставниците на европските држави. Напоредно со тоа во пиринска Македонија – Разлог и Кресна, како и во југозападна Македонија – Прилеп и Охрид избило востание на македонскиот народ. Истовремено почнале и да крстосуваат чети. Некои доаѓале од Бугарија, а некои се формирале на самата територија на Македонија. Ова движење било брзо угушено. Македонија останала под крвавиот режим на султанот. Но, македонскиот народ не можел да се помири со неподносливата состојба на политичка, национална, економска и социјална неправда и гнет. Македонскиот народ барал и пронашол други средства за ослободување – масовна и револуционерна борба за автономна Македонија.
Во годината 1893 е основана Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО). Нејзините иницијатори во главно биле македонски интелектуалци- народни и гимназиски учители (а некои од нив ја вршела должноста инспектор на школите). Тие иницијатори биле: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петар Попарсов, Иван Хаџи-Николов, Христо Батанџиев; сите тие биле учители или гимназиски професори од кои некои извесно време ја вршеле должноста на школски инспектори, а д-р Христо Татарчев бил лекар. Душата и идеологот на организацијата бил Гоце Делчев. Улогата на учителите во македонското револуционерно движење била огромна. Учителите во основните и средните школи, како и учителите од селата биле душата на револуционерното движење на македонскиот народ во градот и селото. Јас ќе се обидам да ги окарактеризирам ликовите на големите македонски револуционери кои биле од учителска средина, а кои ја вршела должноста на учител и професионален револуционер, и кои со своите дела дале голем придонес за ослободување на македонскиот народ.
Ќе почнам од првиот апостол на македонската револуција, Гоце Делчев, кој после својата десет годишна работа паднал во селото Баница, Серско (Егејска Македонија), разрешетан од куршуми во 1903 на ден 23 април (4 мај).
Извор: Ликовите на македонските револуционери – Димитар Влахов, Белград, 1949, издадено од „Библиотека синдиката просветних радника Југославие“