Димовски – вчера прослава, денес апсење

По синоќешната манастирска прослава, на која беше дел од гостите, поранешниот министер за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Димовски, денес беше уапсен.
Имено, вчера во манастирот Свети Јован во Љубанци, се одржала традиционална прослава во чест на Свети Атанасиј, на која присуствувал Димовски, во друштво на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Јохан Тарчуловски, кој е родум од Љубанци.
Покрај манастирската вечера гостите уживале и со бенд со жива музика, а традиционално, се одржала и лицитација за светиот крст, кој новиот кум го добил со понудени 170.000 денари. Фотографии и видео снимки од настанот споделија дел од верниците кои биле присутни.
Сепак, по синоќешната дружба, утринава Димовски го дочекаа загрижувачки вести. Обвинителството за организиран криминал и корупција побара притвор за него, односно за поранешните министри и заменици за земјоделие Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Кристијан Делев. Притворот се бара бидејќи четворицата биле осомничени за злоупотреби поврзани со земјоделски земјишта. Претпоставената штета е 1,4 милиони евра – информираа од обвинителството.
Утрово првично биле уапсени Спасеновски, Цветков и Делев, додека за Димовски во некои медиуми беше објавено дека е недостапен за полицијата и се трага по него. Сепак, тој во телефонски разговор за ,,Фокус” порача дека полицијата доколку го бара, знае каде може да го најде. Од Сдк.мк информираа дека Димовски три часа не им ја отворал вратата на полицајците, но кога сфатил дека полицијата сама ќе отвори, според очевидци, тој викнал од внатре дека сам ќе отклучи. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека сите четири лица опфатени со истрагата се обезбедени.
Вики Клинчарова
FOKUS

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.