Сундар Пичај, извршниот директор на „Алфабет“ – матичната компанија на „Гугл“, добил вкупно 226 милиони долари плата и надомест во 2022 година, што е повеќе од 800 пати повеќе од просечната плата на компанијата. Неговата годишна плата, инаку, е два милиони долари, се вели во извештајот што компанијата го доставила до регулаторот.
Просечната годишна исплата на вработените во „Алфабет“ за 2022 година била 279.802 долари. Но, за минатогодишната работа, Пичај бил награден со 218 милиони долари, а пакетот бонуси вклучува и скоро шест милиони долари за лично обезбедување.
Инаку, другите извршни директори на „Алфабет“ и „Гугл“ заработиле приближно 22 до 35 милиони долари во годишни награди за акции, посочува извештајот. Тоа е објавено во време кога „Алфабет“ почна со реструктурирање на работата, вклучувајќи го и намалувањето на бројот работници за 12.000, што почна во јануари и достигнува шест отсто од вкупниот број вработени.
Финансиската директорка на „Гугл“, Рут Порат на почетокот на април најави дека компанијата ќе постигне дополнителни заштеди со намалување на бројот лаптопи и услуги. Патем, бонусите на извршните директори станаа особено чувствителна тема во технолошката индустрија, особено по бранот отпуштања во голем број компании.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, на пр., ги намали своите исплати за оваа година, по незадоволството и бесот кај вработените, откако тој за себе зел 100 милиони долари плата и бонуси за претходните две години.
Пронајдете не на следниве мрежи: