Според антикорупционерите, за двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата, односно, како што велат од ДКСК, требало да има предлози за разрешување од Управните одбори до Здравствените совети на двете клиники
Министерот за здравство Илир Демири незаконски ги разрешил медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски и директорот на државната Кардиохирургија, Марјан Шокаровски.
Ова е денешната оцена на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кои ги прифатија како неосновани разрешувањата на медицинскиот директор на Токсикологија и на директорот на државната кардиохирургија најавувајќи дека до надлежните органи ќе покренат иницијатива за одговорност на министерот за здравство Илир Демири.
Антикорупциската комисија констатирала дека со двете одлуки на министерот за здравство Демири се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита, како и дека е повреден Изборниот законик, со оглед дека директорите биле разрешени со решенија донесени на 14 мај и 27 мај, пред усвојување на заклучокот за завршување на парламентарните избори од 30 мај 2024 година.
Според антикорупционерите, за двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата, односно, како што велат од ДКСК, требало да има предлози за разрешување од управните одбори до здравствените совети на двете клиники.
Како што посочила Цвета Ристова, член на ДКСК причина за разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија била поради несовесно постапување и заради непродолжување на договорите на дело на 18 лица на клиниката.
Договорите на дело за 11 лица, според неа, се склучени спротивно на член 109 став 2 од Законот за здравствена заштита, каде што како што рече е наведено дека актите и финасиските документи се во заедничка надлежност на двајцата директори, кои треба заедно да ги потпишат, а во случајот биле потпишани само од организацискиот директор.
„ДКСК утврди дека од министерот е донесено решение за разрешување на директор кога се уште не е завршен изборот за пратеници, а дека од организацискиот директор на клиниката се потпишани договори со лица здравствени работници, спротивно на Законот за здравствена заштита“,
рече Ристовска.
Според антикорупционерите, незаконски и неосновано е и разрешувањето на директорот на државната кардиохирургија, зашто министерот Илир Демири го разрешил директорот пред 30 мај, кога е усвоен заклучокот за завршени парламентарни избори.
Според претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, постапката за разрешување не била спроведена согласно Законот за здравствена заштита бидејќи, како што посочи со овие клиники управуваат Управни одбори, кои доколку утврдат основа за разрешување, за тоа треба да го известат Здравствениот совет, кој врз основа на тоа треба да донесе иницијатива за разрешување на посочениот директор, пред истекување на неговиот мандат.
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева денеска побарала од стручниот и лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија да дадат предлог за именување медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот. Од страна на претставниците на Токсикологија била информирана дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
Клиниката за токсикологија е без медицински директор откако министерот за здравство во техничката влада Илир Демири на 14 мај го разреши д-р Данил Петровски, кој на оваа функцијата беше поставен на 15 декември минатата година.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски на 27 мај беше разрешен од функцијата. Министерот за здравство Илир Демири рече дека за разрешувањето на Шокаровски има две причини. Според податоците што стигнале до него, како што рече, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот.
Другата причина за разрешување на директорот, според Демири, се крајно нарушените меѓучовечки односи во таа институција.