Облачно време со врнежи од дожд и снег на планините и на повисоките места каде ќе се формира и нова снежна покривка најавува Управата за хидрометеоролошки работи од понеделник во вечерните и ноќните часови.
Според УХМР, промената на времето под влијание на влажен и студен бран ќе услови пад на температурите.
Во понеделник во ноќните часови, како и во вторник ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд.
На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневните температури ќе бидат во значително опаѓање.
Од среда времето ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи и благ пораст на температурата.