Добитник на американската лотарија „Мега милионс“ од сојузната држава Јужна Каролина, кој уште лани во октомври освоил над 1,5 милијарди долари, по пет месеци конечно се јавил да си ја земе наградата.
Човекот претпочитал да остане анонимен, па надлежните во јавноста го именуваат само како „Јужнокаролинец”. Притоа, тој можел да бира дали наградата цела да му биде исплатена во 29 годишни рати или одеднаш во кеш, но така да добие само половина од џекпотот – 877 милиони долари.
„Јужнокаролинецот” ја избрал втората опција, што е најголема исплата на џекпот на добитник поединец во американската историја, соопшти Комисијата при Државна лотарија.
Јужна Каролина, пак, ќе има приход од 61 милион долари од данокот за добивка.
Тикетот е продаден во октомври, а добитникот имал рок до 19 април да ја пријави премијата.