Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека му е добро, но дека следните неколку дена ќе бидат „вистински тест“. Видеото објавено на Твитер вчеравечер, доаѓа по вчерашните мешани пораки за неговото здравје по дијагнозата со ковид-19. Лекарот на претседателот вчера рече дека на Трамп му е добро и дека направил „суштински напредок од дијагностицирањето“. Трамп ја мина втората ноќ в болница.
Д-р Шон Конли вчера соопшти дека „иако сè уште не е надвор од опасност, тимот останува претпазлив оптимист“ за состојбата на претседателот.
Неколку часа порано, во четириминутната видеопорака, Трамп, облечен во сако и кошула без вратоврска, им се заблагодари на лекарите и медицинските сестри во Националниот воено-медицински центар Валтер Рид близу до Вашингтон, каде што се лекува.
„Дојдов овде, не се чувствував толку добро, сега сум многу подобро“, рече тој и додаде: „Во наредниот период од неколку дена претпоставувам дека ќе биде вистинскиот тест. Ќе видиме што ќе се случи во текот на следните неколку дена“.
Тој рече дека сака наскоро да се врати во изборната кампања за претседателските избори на 3 ноември, на кои Трамп се соочува со Џо Бајден.
Вчера попладне, д-р Конли рече дека на претседателот засега не му се дава дополнителен кислород и дека бил без треска 24 часа. Се очекува претседателот да остане во Валтер Рид „неколку дена“, соопшти Белата куќа. Д-р Конли рече дека е „претпазлив оптимист“ за состојбата на Трамп, но дека не може да даде време кога ќе биде испуштен од болница.
Сепак, шефот на кабинетот на Белата куќа Марк Медоус изрази загриженост за состојбата на претседателот, велејќи дека тој сè уште не е на јасен пат кон закрепнување. Тој изјави дека виталните знаци на претседателот во последните 24 часа биле „многу загрижувачки“ и дека следните 48 часа ќе бидат критични.
Претседателот, кој има 74 години и е категоризиран како дебел, е во категорија со повисок ризик за ковид-19. Досега тој беше третиран со експериментална инјекција на коктел од лекови и со антивируснот лек ремедисивир.