Иако референдумот во Р. Македонија за прифаќање на Договорот со Грција и промена на Уставното име и измени на Уставот на Република Македонија пропадна власта се обидува институционално, преку Собранието да го имплементира. И додека кај нас од страна на власта се прави се да се протурка овој договор министерот за одбрана во Грција вели дека мнозинството од граѓаните на Македонија се против овој договор и тој нема да се ратификува.
-Договорот од Преспа нема да се ратификува во Македонија, а референдумот во земјата покажал дека мнозинството од граѓаните не го поддржуваат, изјавил грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, по средбата со американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис во Вашингтон.
Каменос наместо тоа, предложил потпишување меѓудржавни безбедносни договори, кои според него би придонеле кон поголема стабилност во регионот. Алтернативниот план на Каменос, според толкувањата на дел од грчките медиуми содржи исполнување на геополитичките цели вклучени во Преспанскиот договор без при тоа да се допре прашањето за името. Потпишувањето на договорите би било меѓу Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, а подоцна би се вклучила и Србија. Според Каменос на тој начин би се спречило руското влијание на Балканот, би се зајакнала стабилноста на балканските земји меѓу кои и на Македонија, а за името на земјата ќе се решава во иднина.
-Сметам дека во рамки на оваа политика, следниот чекор ќе биде потпишување заеднички одбранбени договори, на ниво на меѓудржавни договори, што ќе помогнат во решавање на проблемите, но и суштински во градењето на енергетската политика на поширокиот регион“ – изјави Панос Каменос, министер за одбрана на Грција.
Според многумина ова значи дека договорот со Грција веќе не важи ниту таму, дека тој е мртва работа.
Дека договорот може да не важи за Грција на Фејсбук напиша и сопругот на министерката за правда Рената Дескоска, универзитетскиот професор Тони Дескоски. кој вели дека поради неуспешниот референдум Грција секогаш ќе може правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.