По потпишувањето на Договорот од Преспа, Грција и ПЈРМ започнуваат нова ера на пријателство, соработка и стабилност, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот редовен брифинг со новинарите и изрази убеденост дека Договорот ќе добие мнозинство во грчкиот парламент.
Паралелно, тој објасни дека преку зборови и обиди да сфатат граѓаните кај нас дека решението е во корист на двете земји, Грција ќе ги поддржи напорите што ги прави македонскиот премиер.
– Ние ќе ги поддржиме, со сите наши сили, обидите што ги прави господинот Заев да го ратификува договорот и потоа да ги заврши референдумот и уставната ревизија, онака како што е предвидено за да стапи во сила договорот, а потоа да го ратификува и грчкиот парламент, рече Ѕанакопулос. На прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа на кој начин грчката влада би ја поддржала македонската влада, вели дека „поддршката секогаш е преку зборови и преку обидите да ги убедиме граѓаните од соседната земја дека овој договор е во корист на двете земји“.
Ѕанакопулос упати остри критики до опозициската Нова демократија за ставот што го зазема во однос на договорот. Но и уште еднаш истакна дека опозициските партии во двете земји имаат идентични позиции, „играат на картата поделба меѓу наводни патриоти и наводни предавници“.
– Опозициите и од двете страни, договорот го сметаат за предавство. Од една страна Мицотакис ни вели дека оној што изврши предавство е господинот Ципрас, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев е националниот предавник. На крај кој е предавник? Никој не е национален предавник. Едноставно говориме за двајца лидери и две влади кои прв пат се движеа во насока на вредностите на соработката, на пријателството, на солидарност и на заеднички развој на Балканот и затоа решија еден спор што трае 26 години, рече Ѕанакопулос.
Грчката влада, според портпаролот, не чувствува дека постои политичка цена од договорот. Наспроти тоа, тие сметаат дека овој договор „ги обединува во целина демократските и прогресивни граѓани во насока на решавање на проблеми, а не во насока на создавање на проблеми“. Ѕанакопулос изрази убеденост дека ратификацијата во грчкиот парламент ќе помине без проблеми, а доколку е потребно, владата потоа може да побара и гласање доверба.
– Договорот, верувајте ми, ќе се ратификува од грчкиот парламент со проширено, патриотско и прогресивно мнозинство и доколку во продолжение е потребно, верувајте ми, грчката влада одново ќе добие глас за доверба за да го заокружи четиригодишниот мандат, објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, за дописите што Атина треба да ги испрати до ЕУ и НАТО, Ѕанакопулос не даде јасен одговор, туку рече дека договорот предвидува јасни чекори што треба да се следат, а поканата за Македонија од Северноатлантската алијанса ќе биде под услов, кој ќе се отстрани откако ќе се заврши со референдумот и уставната ревизија кај нас.
На новинарско прашање за објавено видео на кое пратеникот од СИРИЗА со потекло од Лерин, Константинос Селацас, како што рече новинарката „се забавува на песна-химна на Егејските Македонци“, Ѕанакопулос одговори дека се наоѓаме во 2018 и сите грчки граѓани може да играат на каква музика сакаат, без да бидат критикувани за тоа.
– Оние што живееле во овие делови, знаат дека не станува збор за химна, туку за традиционална песна на која играле 90%, а може и 100% од грчките граѓани кои живеат во тие области, објасни Ѕанакопулос.
Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, на денешниот редовен брифинг со новинарите, категорично ги демантираше информациите дека Грција за решавањето на името добила компензација за долгот.