Американскиот Стејт департмент одобри потенцијална продажба на воена опрема на Кралството Саудиска Арабија, вклучувајќи борбени авиони Ф-35 и придружна опрема, во договор вреден 24,3 милијарди долари.
Американската амбасада во Ријад соопшти дека оваа продажба претставува зајакнување на безбедноста на важен сојузник на САД надвор од НАТО.
„Оваа предложена продажба ќе ги поддржи целите на надворешната политика и националната безбедност на Соединетите Американски Држави преку зајакнување на безбедноста на важен сојузник кој не е член на НАТО, а претставува фактор на политичка стабилност и економски напредок во регионот на Заливот“, се вели во соопштението.
Саудиска Арабија го поздрави соопштението на американскиот Стејт департмент, велејќи дека продажбата ја одразува „силата и трајноста“ на партнерството меѓу двете земји, објави Би-Би-Си .
„Предложената продажба на авиони Ф-35 ја одразува силата и трајноста на стратешкото партнерство меѓу Саудиска Арабија и САД, како и континуираното подобрување на нашата соработка во областа на одбраната“, изјавија саудиските власти.
Американскиот Стејт департмент претходно го извести Конгресот за планот за продажба на до 48 борбени авиони Ф-35 на Саудиска Арабија, потег на кој Израел остро се спротивстави.
Воениот пакет вклучува и 49 мотори Pratt & Whitney F135-PW-100, криптографска опрема, системи за електронско војување, како и логистичка поддршка и обука.
Договорот, кој сè уште треба да помине низ процесот на разгледување од страна на американскиот Конгрес, би можел да вреди дури 24,3 милијарди долари. Според американскиот закон, Конгресот има 30 дена да ја разгледа продажбата и да поднесе приговори.
Доколку се финализира, ова ќе биде првпат арапска држава да биде опремена со американскиот борбен авион од петта генерација Ф-35. Во моментов, Израел е единствената земја на Блискиот Исток што го користи овој авион.
The post Договор од 24,3 милијарди долари – САД продаваат 48 авиони Ф-35 на Саудиска Арабија appeared first on Во Центар.



