Породувањето носи мноштво исцрпувачки нови одговорности, но некои можат да имаат позитивно влијание врз вашето здравје. Ново истражување открива едно нешто што особено може да ја намали веројатноста мајката да стане депресивна подоцна во животот.
Имено, истражување објавено во стручното списание BMJ Open покажа дека доењето може да го намали ризикот од проблеми со менталното здравје до 10 години по бременоста.
Научниците ја следеле здравствената состојба на 168 мајки за време на нивните втори бремености и моделите на доење. Жените биле подложени на контролни прегледи по три и шест месеци и две, пет и 10 години по породувањето.
Мајките одговарале на прашања за нивното физичко и ментално здравје и доењето. Само 13 проценти од жените кои доеле рекле дека имале знаци на анксиозност или депресија во текот на 10-годишното следење.
Истражувачите откриле дека жените кои имале полошо расположение 10 години по бременоста имале помала веројатност да дојат или го правеле тоа пократко време. Оние кои пријавиле промени во расположението биле помлади и помалку физички активни. Ова се фактори на ризик за депресија и други нарушувања на расположението.
Иако станува збор за опсервациска студија, експертите сугерираат дека доењето има придобивки за психолошкото здравје на мајката, а има и добар ефект врз бебето.
Сепак, многу жени не се во можност да дојат од повеќе причини, вклучувајќи физички проблеми, несоодветни политики на работното место, стрес и траума. Истражувачите се надеваат дека нивната работа ќе инспирира промени.
„Потенцијалот доењето дополнително да го намали огромниот товар на депресијата врз поединците, семејствата, здравствените системи и економиите само го надополнува аргументот креаторите на политиките да ја подобрат поддршката за доење“, се вели во нивното соопштение.
The post Доењето може да го намали ризикот од депресија кај мајките до 10 години по породувањето appeared first on Во Центар.



