Мајкл Реган, 49-годишен Американец кој се заразил со коронавирус кон крајот на март, конечно почна да се опоравува по неколку недели домашно лекување.
Тој, како и многу други, имал висока температура и останувал без здив, но исто така имал и крвава кашлица.
Реган, кој работи за биомедицинска компанија, го примал лекот против маларија хидроксихлороин, заедно со антибиотикот азитромицин (попознат како Сумамед) како дел од клиничкото испитување за ефикасноста на овие лекови против коронавирус.
Но, Реган започнал да чувствува остра болка во градите на почетокот на минатата недела со враќање на високата температура.
Тој отишол во болница, каде што лекарите му рекле дека има пневмонија поврзана со коронавирусот. И тогаш пулмологот му рекол дека има десетици мали згрутчувања на крвта во белите дробови.
„Се чувствувам како да има отров во моето тело“, изјави Реган за Бизнис Инсајдер. „Немав поим дека згрутчување на крвта може да предизвика такво оштетување“, додаде тој.
Тој морал да остане во болницата, каде му бил даден активирач на плазминогено ткиво, протеин кој се користи за лекување на мозочни и срцев удари затоа што ги разложува згрутчувањата на крвта. Следниот ден бил испратен дома со лек против згрутчување на крвта.
Реган имал среќа на крајот, но неговиот случај е само последниот потсетник за тоа колку сè уште има непознати за Ковид-19 и неговиот ефект врз телото. Респираторната инфекција е, се разбира, главен симптом на инфекцијата кај овој коронавирус, како и тешка пневмонија што е главната причина за смрт кај сериозно болните пациенти.
Но, другите компликации, како што се проблеми со срцето и бубрезите, сè повеќе почнаа да го привлекуваат вниманието на лекарите и научниците. И, најзагрижувачко е појавата на згрутчување на крвта во целото тело на некои пациенти: во белите дробови, бубрезите, срцето и вените по целото тело. Се разбира, овие згрутчувања потенцијално предизвикуваат срцеви и мозочни удари и белодробна емболија кои можат да доведат до смрт на пациентот.
Според обдукциите од „ Northwell Health “, приватен ланец на американски болници, дури 40% од пациентите со коронавирус кои починале откако биле пуштени од болниците, се чини дека имале срцев удар, пулмонална емболија или слична компликација поради згрутчување.
И холандските истражувачи исто така откриле во една неодамнешна студија дека една третина од 184 пациенти кои завршиле на интензивна нега поради коронавирус имаат компликација поврзана со згрутчување на крвта, без разлика дали е во нозете, белите дробови, срцето или други делови од телото.
Се разбира, продолжениот престој во болница, особено во единиците за интензивна нега, каде што честопати се неподвижни на респиратор, може да резултира со згрутчување на крвта. Но, за споредба, пациентите на интензивна нега обично добиваат згрутчување во 5-10% од случаите, што е далеку помалку од процентот кај пациенти со коронавирус, вели др. Алекс Спиропулос, специјалист за хематологија во здравствената болница Нортвел во Њујорк.
“Бројот на проблеми со згрутчување што ги гледам во единицата за интензивна нега, сите поврзани со Ковид-19, е неверојатен. Се чини дека проблемите со згрутчување на крвта се широко распространети во тешките случаи на Ковид”, изјави Др. Џефри Лоренс, хематолог во Медицинската установа Вајл Корнер во Њујорк, за Си-Ен-Ен.
Освен во белите дробови, др. Лоренс и колегите откриле згрутчување и под кожата при обдукција на двајца починати пациенти, како и кај тројца живи пациенти.
Иако ова се чини како прилично бизарна последица на инфекцијата, коронавирусот не е првиот што предизвикува вакви компликации. Лекарите забележале и зголемен ризик од формирање на тромб кај оние заразени со вирусот на грип Х1Н1, познат како свински грип што избувна ширум светот во 2009 година и САРС во 2003 година. Но, со новиот коронавирус, згрутчување на крвта се јавува почесто во белите дробови, додава др. Спиропулос.
„Ова не е вообичаено и затоа се прашуваме дали згрутчувањето на крвта е една од причините поради која што умираат овие луѓе“, вели д-р. Тод Рајс од болницата во медицинскиот центар „Вандербилт“ во Нешвил за Си-Ен-Ен.
„Ова е едно од прашањата поврзани со Ковид за кои сега многу се зборува“, забележува д-р. Мишел Гонг од болницата за медицинскиот центар Монтефиори во Њујорк за Си-Ен-Ен. Во оваа болница дури и биле воведени лекови со ниска доза против згрутчување на крвта за сите пациенти со Ковид-19.
Сепак, ова отвора нова дилема за лекарите: ниската доза на овие лекови не е ризична, но може да не биде доволна за да се спречи згрутчувањето. Повисоките дози на лекот, пак, можат да предизвикаат внатрешно крварење, што само по себе може да биде смртоносно.