Доктор Зекирија Шаини, кој вчера беше повреден во оружен напад во центарот на Куманово, денеска е пуштен на домашно лекување од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
Директорката на клиниката, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, потврди дека пациентот е во добра општа состојба и дека по санирањето на раните е пуштен дома. „Пациентот се чувствува добро. По санирање на раните е пуштен на домашно лекување“, изјави таа.
Министерството за здравство, преку соопштение, порача дека повредите не биле животно-загрозувачки и дека докторот се опоравува. „Ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација. Министерството категорично осудува какво било насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет“, истакнаа од ресорното министерство.
Министерството за здравство нагласи дека ќе продолжи со соработка со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово со цел целосно расчистување на случајот и зајакнување на безбедноста на здравствените работници.



