ВЕСТ НА ДЕНОТ: Како Сиљановска-Давкова го образложи своето прво вето на закон

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 31 декември 2024 г. испратила известување до претседателот на Собранието Африм Гаши дека нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата, бидејќи според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби. Во образложението таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.

Во документот претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

„Потсетувам дка начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон“, се наведува во образложението од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.

„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот“, пишува во документот.

Законот е донесен на 24 декември, а информацијата дека Сиљановвска-Давкова не го потпишала указот ја обелодени денеска СДСМ. Од опозициската партија ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.

„Членот 9 и членот 10 од предлог-законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на законот, власта ги враќа процесите назад, со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“, велат од СДСМ.

Од СДСМ ја спорат и процедурата која според нив на сила се туркала во парламентот.

СДСМ го поздравува потегот на Сиљановска-Давкова да не го потпише Указот на Законот за заштита на децата, бараат власта да се откаже од измените

Собранието може, но не мора да ја послуша претседателката. Според Законот за Собранието, ако шефот на државата одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. При повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на државата.

Ако при повторното разгледување, Собранието го изгласа законот за најмалку 61 глас, претседателката Сиљановска-Давкова е должна да го потпише указот за негово прогласување.

Измените на Законот за заштита на децата на 24 декември се донесени со двојно мнозинство – за гласале вкупно 63 пратеници, од кои 13 биле пратеници припадници на немнозинските заедници (од 15 присутни). Против биле 14 пратеници – од СДСМ и партнерите, како и од Левица.

Канал 5 денеска пренесе став на Владата од каде најавиле дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен и дека повторно ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури. Од Владата, според Канал 5, немале коментар за одлуката на претседателката да го употреби правото на суспензивно вето првпат по доаѓањето на функцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.