Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ коментираше дел од емисијата „60 минути“ со Џорџ Клуни, напаѓајќи го актерот поради неговите политички ставови.
„Зошто сега дискредитираната емисија „60 минути“ прави целосно позитивно интервју со Џорџ Клуни, второкласна филмска ’ѕвезда‘ и неуспешен политички коментатор? Се бореше жестоко за изборот на ’поспаниот‘ Џо Бајден, а потоа, веднаш по дебатата, го отфрли како куче. Понатаму, претпоставувам по наредба од таборот на Обама, направија сè за да ја промовираат Камала Харис, само за брзо да сфатат дека тоа нема да успее“, напиша Трамп.
„Во ’60 минути‘ дури лажно вметнаа одговори во нејзиното катастрофално интервју, кое беше емитувано непосредно пред денот на изборите, во еден од најнепријатните и најнечесни моменти во историјата на емитувањето … А сега повторно Џорџ Клуни? Неговиот “PR” агент треба да заработува богатство!“ – додаде Трамп.
Што кажа Клуни?
Во интервјуто, емитувано во неделата, Клуни зборуваше за неговото деби на Бродвеј во продукцијата и актерската екипа на претставата „Добра ноќ, и среќно“, драма што го следи новинарот Едвард Мароу во неговата борба за вистината во турбулентен медиумски и политички контекст.
Според Клуни, паралелите меѓу претставата и сегашната реалност се очигледни, а актерот експлицитно ги спомена договор на Трамп со „ABC News“ и тековната тужба против „CBS“, пренесува „Daily Beast“.
„’ABC‘ штотуку реши тужба со администрација на Трамп. А ’CBS News‘ е во процес … Го гледаме концептот на користење на владата за заплашување, казнување или манипулирање со корпорациите – со цел да се намали улогата на новинарите. Влади никогаш не ја сакале слободата на медиумите. И тоа важи за сите, без разлика дали сте конзервативец или либерал. Власта не сака независни медиуми“ – изјави Клуни.
„Воспитан сум да ја зборувам вистината“
Оскаровецот исто така се осврна на експлозивната статија што ја објави минатото лето во „Њујорк Тајмс“, каде што јавно го повика Бајден да се повлече од претседателската трка за 2024 година.
„Ќе поедноставам. Воспитан сум да ја зборувам вистината. Го видов Бајден одблиску на настан за собирање донации, и бев изненаден. Чувствувам дека имаше многу примери на кукавичлук во мојата партија за време на целиот процес … и не бев горд на тоа. Верував дека морам да ја кажам вистината“, рече Клуни, кој е долгогодишен поддржувач на демократите.
„Ја изгуби трката со времето“
Во неговата колумна, Клуни повеќе пати ја нагласува возраста на Бајден како клучен проблем, наведувајќи дека „борбата против времето“ е „една битка што Бајден не може да ја добие“.
„Никој од нас не може. Тешко е да се каже, но Џо Бајден што го видов пред три недели на собир за донации не беше истиот Џо Бајден од 2010. Не беше ни оној од 2020. Тоа беше истиот човек што сите го видовме на дебатата“ – изјави Клуни.
На ова, Трамп брзо одговори на социјалните мрежи, осудувајќи го Клуни и нарекувајќи го „лажен актер“ кој „никогаш не бил блиску до создавање на одличен филм“.
„Што знае Клуни за било што? Клуни треба да се откаже од политиката и да се врати на телевизија. Филмовите никогаш не му донесоа вистински успех!!!“, напиша Трамп.
Пронајдете не на следниве мрежи: