Издавачката куќа „Антолог“ активно се залага за инклузивност во литературата, овој пат фокусирајќи се на поддршка на лица со оштетен вид. Во рамките на својата мисија за обезбедување еднаков пристап до културното наследство, „Антолог“ иницираше акција наречена „Секој збор заслужува да биде прочитан!“. Оваа иницијатива вклучува донација на книги на Брајово писмо до различни библиотеки и институции кои работат со лица кои имаат оштетен вид.
Книгите на Брајово писмо се од суштинско значење за образованието и личниот развој на корисниците, овозможувајќи им да уживаат во литературата, стекнувајќи знаење и инспирација. Изработени со специјални точки што се читаат преку допир, книгите бараат особено внимание во процесот на изработка за да се обезбеди квалитет и леснотија при читање.
„Антолог“ е дел од проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, поддржан од програмата Циркулација на европски книжевни дела од Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“. Во оваа рамка, тие донираа изданија на Брајово писмо од книгите „Невидлив“ на Елој Морено, кој веќе го постави Гинисовиот рекорд за најмногу потпишани книги, и „Чекорите до црешовото дрво“ на Паола Перети, која самата се соочува со прогресивно губење на видот.
Овие дела сега се достапни и на Брајово писмо во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје. Книгите се изработени во соработка со Здружението на слепи лица на Општина Велес и Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“, и поради нивната големина, изданијата се поделени во два тома.
„Антолог“ верува дека пристапот до литература е право, а не привилегија, и дека вистинската вредност на книгите се содржи во нивната достапност. Оваа акција е дел од нивната визија за свет каде што литературата е достапна за сите, без исклучок. Како дел од оваа иницијатива, „Антолог“ исто така го преведе дел од програмата на Фестивалот „BookStar“ на знаковен јазик и создаде бесплатни аудиокниги со „Самоглас“. Иднината ќе ги донесе нови активности кои ќе обезбедат пристапност до литература за сите, подржувајќи ја општествената одговорност во издаваштвото.
The post Донација на книги на Брајово писмо од „Антолог“ во поддршка на лицата со оштетен вид appeared first on 365.mk.