Дончев го демантира контекстот на новите „бомби“

Поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев денеска го демантира, како што наведува, контекстот на објавените аудио и видео снимки на Јутјуб, на линк наречен „Лепливи раце “. Новите „бомби“ наводно откривале релација меѓу Дончев и приватна компанија, каде тој се обидел да одбрани одреден интерес со помош на институциите. Според содржината на разговорот, Дончев говори за сателитската компанија „Тотал ТВ“.
Дончев ги отфрла сите инсинуации и манипулации кои, како што вели, се со цел да биде политички деградиран. Тој порачува и дека е приметливо оти снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив.


За првообјавената снимка, тој смета дека се што имал да каже за случајот Дијамед, јавно и официјално го изнел како директор на Фондот за здравство.
„За овој случај сум имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни а некогаш неформални. Целта секогаш беше да се најде најдобриот и најсоодветниот начин да се заштитат интересите на државата, но притоа ни во еден миг да не се загрозат услугите на пациентите на кои им е потребна дијализа. Токму во двете снимки, се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на Дијамед Македонија“, додава тој.
Во второ објавената аудио снимка и трето објавената видео снимка, како што истакнува Дончев станува збор за приватни деловни односи меѓу долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик. Според него, бидејќи во тој период малцинскиот сопственик бил тешко болен и на операција во Виена, побарал од него, во својство на пријател, да му помогне со цел да се најде заедничко прифатливо решение.
„Објавениот разговор е токму во тој контекст. До такво решение не дојде и според моите сознанија спорот се уште трае.По заздравувањето на малцинскиот акционер јас ги прекинав сите контакти и понатаму тој си продолжи да си ги бара правата преку институциите на системот“ додава тој.
На линкот на Јутјуб има и видео-снимка од која може да се забележи како Дончев зема пари и ги става во торба. Името на Дончев се спомнуваше во случајот „Рекет 2“ за фирмата Дијамед, која во 2013 година доби концесија за дијализа на бубрежно болни. Дончев, обвини дека фирмата незаконски го добила тендерот за дијализа и дека зад фирмата стојат поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.