Досега во организација на МНР направена репатријација на 1842 македонски граѓани

Досега во организација на МНР направена репатријација на 1842 македонски граѓани

По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, до сега (понеделник,  30 март, 14ч.) во организација на МНР е направена репатријација на 1842 наши државјани.

Од нив, 1097 се репатрирани од 5 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија) со 7 авиони и тоа од: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, а 150 граѓани со 3 хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Словенија и Истанбул.

На 446 наши државјани им беше пружена помош од Министерството за надворешни работи преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка пак во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата.

За денес во вечерните часови е планиран лет за враќање на околу 160 наши граѓани од Базел според најавите, а согласно заклучоците на Кризниот штаб и Владата, МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности.

Министерството за надворешни работи, заедно со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и другите надлежни органи кои се дел од овој исклучително сложен и деликатен процес, ќе продолжат со вложување на максимални напори при остварувањето на двата државни интереси – помош на граѓаните затекнати во странство и заштита на здравјето на граѓаните дома.

Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, овозможвиме репатријација и на повеќе од 400 странски државјани кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.

На тој принцип им беше помогнато и на 4 наши државјани кои со чартер лет од Австрија беа пренесени од Перу до Виена, а Министерството и покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжи со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние кои се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко.

Скопје, 30 март 2020 год.

Повеќе информации и анкети можете да најдете на нашата Фејбук страница!!! клик на сликата 

СЛУШАЈТЕ СИ МУЗИКА ДОДЕКА ЧИТАТЕ ВЕСТИ: 

Радио станици на Пулс24

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.