Аеродромите во Подгорица и Тиват во Црна Гора утринава информираа дека утринава околу 9 часот добиле закана преку телефон дека на аеродромите има поставено бомби.
Аеродромите во моментов се затворени, а полициски службеници со кучиња трагачи вршат проверки. Додека траат проверките, авионите кои требаше да слетаат, кружат на небото на Црна Гора.
„Во Подгорица еден авион е вратен на дополнителна контрола. Во моментот полициски екипи прават контроли на аеродромот“, велат од аеродромот во Подгорица.
Од Министерстовто за внатрешни работи на Црна Гора известуваат дека на персоналот на аеродромите во Подгорица и Тиват им се заканувале од број од странство.
„Управата на полицијата согласно сите процедури презима мерки во област на своите надлежности, а јавноста ќе биде благовремено известена“, рекоа од црногорското МВР.
Аеродромските служби им наредиле на сите пилоти кои требало да слетаат на аеродромите да кружат се додека не завршат проверките на полициските службеници.