ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: На тајни средби со Заев, Мицкоски договарале широка коалиција СДС-ДПМНЕ

Создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“: почна дешифрирањето на ребусот – што значи оваа синтагма која во два наврата ја посочуваат високи партиски функционери од Мала Речица? Неа најпрвин ја употребил претседателот на партијата, Али Ахмети, кога пред три дена претседавал со највисокиот партиски орган на ДУИ – Генералниот совет, каде изразил загриженост од „создавањето на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“. Но ниту во партиското соопштение, ниту подоцна, од партијата не објаснија на што мислел Ахмети, пишува Дојче веле.

Чекор понатаму отиде новоименуваниот потпретседател на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој во ТВ настап се осврна на „создавањето хибриден политичко-економски центар“ против интегративците, но со неколку детали го лоцираше времето и местото на наводното создавање на тој центар, со учество на сегашни и поранешни политички лидери.

– Пред неколку месеци, некаде на периферијата на Скопје, се одржа средба меѓу некои македонски олигарси и политички лидери – сегашни и поранешни политички лидери, со аларм или констатација дека Албанците добиваат повеќе отколку што заслужуваат или го уриваат политичко-економскиот монопол на македонската заедница. И се согласија да создадат национален центар за да се запре овој процес, или како што тие го нарекуваат – албанизација на државата. И во нивната анализа – ова се кредибилни индикации – ДУИ го поврзуваат како парадигма или синоним на етничката еднаквост и позицијата на Албанците – објасни Османи на ТВ 21.

Според потпретседателот на ДУИ, тоа не е страв од албанизација, туку страв од еднаквост и од губење на политичките и економските монополи.

– Затоа реков дека овие движења што се случуваат на албанската политичка сцена имаат извор во таа централна оркестрација. Ова всушност не е страв од албанизација, тоа е страв од еднаквост. Затоа што рамноправноста ја гледаат како привилегија, ако гледаат Албанци на важни политички, одлучувачки позиции… Дури и тие спомнаа дека во градежништвото денес сите фирми се албански фирми во Северна Македонија, а демек тоа го загрозува интересот. Ова не е ништо повеќе од страв од еднаквост, страв од губење на политичките и економските монополи – оцени Османи.

Вклучен алармот во ДУИ

Иако изјавата на Османи е скудна со други детали, аналитичари сметаат дека таа најверојатно алудира на т.н. план на Зоран Заев,за кој на крајот од минатата година детали објави „Плусинфо“. Според тие детали, на 21-ви декември 2022 година Заев имал средба со Димитар Ковачевски, на која биле присутни генералниот секретар Миле Зечевиќ, Радмила Шеќеринска и други членови на најтесното раководство на СДСМ. На средбата Заев го презентирал неговиот план за политички пресврт во седум точки. Меѓу нив, она што би го тангирало ДУИ, се две точки. Едната – одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години, а премиер да биде победникот на изборите. Другата – eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата, на Албанците да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ. Но, планот на Заев бил отфрлен.

Според извори кои тогаш инсистираа на анонимност, Заев за тој план во повеќе наврати разговарал со Мицкоски, а како места на средби посочуваа локации на југоистокот од земјата, вклучително и во Скопје. Токму во наводите на тој план, аналитичари ја лоцираат денешната загриженост на ДУИ.

– Средбите на Мицкоски и Заев, како и активирањето на Црвенковски, најверојатно го вклучиле алармот во ДУИ дека се подготвува неформална коалиција врз етничка основа, која би имала за цел неутрализирање на улогата на албанскиот политички фактор во земјата“ – вели аналитичарот Џелал Незири.

– Како поткрепа на оваа теза одат и условите или опциите на Мицкоски за гласање на уставните измени, искажани на средбата со Ковачевски, меѓу кои се влада без ДУИ и безусловна поддршка на втората партија за победничката на предвремените избори за, меѓудругото, да не биде уценувана од ДУИ. Во овој контекст со ДУИ не се мисли само за партијата на Ахмети, туку и за секој нареден владин партнер од етничките Албанци. Уште повеќе што борбата против корумпираните во ДУИ се претвора во широка медиумско-политичка операција за прикажување на оваа партија како мафијашка група која ја разнебитува државата – вели Незири.

Изјавите од ДУИ за „создавање на хибриден политичко-економски центар“ против нивната партија, навестуваат дека во Мала Речица е оценето дека тој план е сѐ уште жив. А пред седум месеци од врвот на ДУИ изјавуваа дека добиле уверувања дека „такви некои сценарија не биле ни разгледувани“.

Наводите на „Плусинфо“ дека Заев пред Ковачевски и лица од раковдството на СДСМ претставил план за поделба на власта меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ без партиципација на ДУИ, односно со друг партнер од албанскиот блок, резултираа со експресна средба на Али Ахмети и Артан Груби со Заев во Струмица, на почетокот на јануари годинава. Тоа воедно било и повод Ахмети

за првпат да отиде во Струмица, како што изјави првиот вицепремиер Артан Груби.

„На 5 јануари се видовме со господинот Заев, разговаравме околу четири часа. Тој ни беше домаќин. За првпат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што, и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски, сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот на СДСМ и премиер, Ковачевски“, рече Груби во поткастот „Разговор во редакција“ на ИРЛ.

И покрај официјалниот наратив за добиена увереност дека „такви сценарија не биле ни разгледувани“, високи извори од ДУИ за ДВ велат дека имале точни сознанија за сите средби на кои се разговарало за тој план, а кои се одвивале „повеќе месеци сѐ до крајот на 2022 година“. Но, и дека точно знаат кои лица учествувале во разговорите, без оглед што некои од нив ја демантирале нивната инволвираност.

Прагматизам или опасна игра?

Дали постои реален потенцијал тој план да се реализира, со оглед на „алармот“ што доаѓа од ДУИ? Според Незири, евентуалното обединување врз етничка основа на македонскиот политички кампус, несомнено ќе поттикне и обединување и на албанскиот кампус.

– Во услови на длабока политичка поделеност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, од 2016 година ДУИ е ‘кинг мејкер’ на политичката сцена, т.е. трета партија која одлучува кој ќе формира влада. Затоа е можно контактите Мицковски-Заев да резултираат со унифицирање на етничкиот македонски политички блок, со цел намалување на тежината на владиниот партнер од етничкиот албански политички блок. На прв поглед се чини дека се работи за политички прагматизам, но всушност е опасна игра во опасен геополитички контекст. Евентуалното обединување врз етничка основа на македонскиот политички кампус несомнено ќе поттикне и обединување и на албанскиот кампус, момент кој уште повеќе ќе ја етнизира политиката во земјата. Во услови на таква евентуална етничка поделеност се заборава на реалните проблеми на граѓаните и целата енергија се насочува кон оценување на ‘другиот’ како дежурен виновник за сите проблеми со кои ќе се соочува државата. Етнизирањето на политиката ќе ја врати земјата години наназад, ќе ги загрози меѓуетничките односи и ќе ја разниша нејзината стабилност – оценува Незири.

Според него, тоа што се очекува од партиите е понуда на решенија за конкретните проблеми на граѓаните, а не измислување на нови проблеми преку отворање на стари рани.

– Функционери на ДУИ или на некоја друга партија на етничките Албанци, треба да бидат проблем ако не работат како што треба или ако не испорачуваат резултати, а не зашто се дел од немнозинска етничка група – потенцира тој.

Извор: Дојче Веле

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.