До идната пролет договор за промена на граници со Србија

Косовскиот претседател, Хашим Тачи изјави дека се надева оти пред идната пролет Косово ќе постигне договор со Србија за промена на границите и размена на територии.
– Промената на граници не е идеја која сакам да ја презентирам, но по конфликтите и преговорите, заклучувам дека тоа е единствено разумно решение за двете страни. Ако двете страни се договорат, никој не може да се спротистави, договор меѓу двете страни носи стабилност, изјави Тачи во интервју за француската телевизија “Франс 24“.
Косовскиот претседател им порача на оние кои се противат на оваа идеја да кажат дали имаат подобра понуда и посочи дека со размената на територии Пандорината кутија не се отвора , туку дека токму сега е отворена.
– Денес Србија и Косово постојано си ставаат пречки една на друга. Без таков договор Косово и Србија ќе имаат блокирана иднина и јас не сакам тоа да се случи, изјави Тачи.
Тој прецизираше дека за да биде прифатен од косовска страна, договорот ќе мора да содржи и взаемно признавање и членство на Косово во ОН и дека добил позитивни сигнали и од Русија дека таа би го повлекла своето вето за признавањето на Косово во Советот за безбедност на ОН.
Косовскиот претседател Тачи додаде дека правата на Србите на Косово ќе бидат почитувани во случај на промена на границите и дека Косово ќе остане мултиетничка држава. Тој, исто така, изрази надеж дека високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ќе „продолжи да го води процесот со нова динамика“ и дека „во наредните недели“ тој ќе има нова средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.