До пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, и осумте отпадници – вака се брани Македонија

СТЕНОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ од Осумдесеттата седница на Собранието на Република Македонија,одржана на 31 август 2001 година (Уставни измени/Рамковен договор)
ЃОРГИ КОТЕВСКИ (извадоци од говорот):
“Почитувани пратеници, почитувани новинари,
Денеска пред нас имаме една иницијатива за жал, која во македонската јавност има дијаметрално спротивно гледање и јас ќе се потрудам во оваа прилика да кажам зошто , како пратеник на мојата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и пратеник од Битола , нема да гласам за овој Рамковен договор.”
“Доколку ние го поддржиме овој рамковен договор, всушност ние сме против волјата на народот и на сите граѓани во РМ , без разлика кој, на која етничка група и припаѓа. Најдоброто изјаснување, за вакви суштествени прашања во државата навистина, треба да се праша целиот народ. Јас немам мандат , за да вршам измени и дополнувања на Уставот и воопшто, за ниедна измена нема да гласам. Категорично повторувам. Воопшто, за ниедна измена нема да гласам. Ние, како избрани пратеници во овој миг топката ни е префрлена на нас и ние ја сносиме целокупната одговорност, затоа што надвор од тие преговарачи, олеснувачи, или отежнувачи , вие потпишавте договор за кој немавте право. Немавте право да го потпишете тој договор, апсолутно, и тоа во Охрид, во вториот Ерусалим во РМ.”
“Најдобро ќе беше, прво, како политички партии, како што знаевме да правиме митинзи, како да ја добиеме власта и како да ја злоупотребиме, како повеќе да украдеме , како повеќе да го измачиме овој народ, да го истераме од фабриките, да го истераме сега и од дома и да му кажеме сега ќе ви донесеме мир, откако ве запустивме и ве донесовме на питачки стап. Тоа не е метод. Нашата совест, нашата ителектуалност треба да зборува во овие клупи и на тие места каде што се наоѓаме и во Владата и највисоките функции. Тогаш треба совеста да зборува дали со одреден чекор, со одредено законско решение правиме грешка со која ќе го доведеме народот во војна, или во мир. Тука е фундаменталното прашање за кое треба да зборуваме. Да, јас сум за демократија, меѓутоа, демократијата е за паметни луѓе. Не е за глупави луѓе. Глупавите луѓе се караат и се тепаат. Посегнуваат по оружје. Демократскиот разговор значи да се сослушаме и на крајот да го избереме тоа што е најдобро и што ќе не води напред. Да немаме зла крв, да не разрушуваме домови итн. Тоа е демократијата.”
“Секогаш укажувам дека во оваа држава треба да се престане само по партиска линија и глупави луѓе да се редат на одредени функции.
Тоа не смее да ни се случува. Но, од 1990 година, до денеска, тоа упорно ни се случува. Упорно заговарав дека мора да се внесе искреност во политиката. За сите овие состојби вие ако бевте искрени, требаше да му кажете на овој народ, односно на граѓаните: ” Почитувани граѓани врз нас се врши голема пресија. Не притискаат заради тоа и тоа, а ние еве ви кажуваме . Бидејќи ќе нема излез, најголемото задоволство е Институтот оставка. Јас оваа функција неможам да ја вршам. Чесно е, достоинствено е да си признаам. Толку се моите умствени и физички способности и си поднесува оставка”.
“Исто така, не сфативме дека позициите во државата, клучните позиции, не само што имаат бенефиции, туку имаат и голема одговорност. Тоа во овој миг се потврди. Значи, ние мислиме дека со добивање на одредена позиција, само ќе правиме шетанки, ќе уживаме, ќе имаме протоколарни средби, но, кога ќе дојде еден ваков миг, треба да се покаже вистинскиот лик на државникот, на премиерот, на претседателот итн, на сите оние структури што ја владеат државата.
Затоа, повторно ќе кажам: во сите тие институции, во сите сегменти треба од оваа држава да се извлекуваат најпаметните и најквалитетните луѓе. За жал, ние тоа не го направивме.”
“Почитувани пратеници, нам ни се случуваат и многу други нешта. Ние кутрата Македонија, почнавме да ја делиме, не само по партиска линија, туку и по етничка. Одредени министри, почнаа да земаат одредени области, одредени задруги, донесуваат одредени луѓе тоа е уште поголемо раздробување на Македонското ткиво и на граѓаните на РМ. Ние , не смееме така сепарантно да го делиме народот во РМ. Бидејќи тоа ни се случува, јас нема да гласам за овој Рамковен договор.”
“Тие жаришта кои постоеја,постојано и повторно се негуваат на овие простори јас заради тоа нема да гласам за овој рамковен договор, барем ќе биде чиста совеста и нема да ми кажува г-динот мојот македонец Бранко Црвенковски, ако не гласаш за овој рамковен договор, ти си за војна. Благодарам што толку време од 1990 година ми ја пласираат оазата на мирот, а секој ден бевме подлабоко во војна.
Зошто? Бевме заради сите овие работи што претходно ги кажав, и не сакам да ги повторам, но ќе кажам нашата политика свест сеуште не е издигната на одредено ниво, нашата парламентарна свест се гледа и во сите настапи во нашето присуство, во нашата несериозност во пристапот кон одредени надворешни членови кои доаѓаат овде од разни институции од Европа и од светот. Ние мислиме дека цел свет гледа на Македонија, а всушност сите си ги гледаат сопствените интереси и прават сопствен профит, за сопствените народи и врз туѓ грб прават пирамиди и прават слава. Додека не го сватиме тоа ќе крвариме, а за жал, со потпишувањето на овој рамковен договор и посебно, бидејќи ништо не обврзува овој рамковен договор, треба да оди на референдум, ако направиме уставни измени тивко Македонија ќе ја снема.”

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.