До четврток сепак нема да има нови блокади од приватните превозници, поради посетата на германскиот претседател



Утре приватните автобуски превозници нема да ја блокираат крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, изјави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во изјава за МИА, откако претходно најави дека вечерва координативното тело ќе одлучува дали ќе се продолжи со протестите во истата форма, со блокирање на раскрсницата, или истите ќе се прошират на повеќе локации во градот.

Како што вели Јовановски, „премислувањето“ се должи на информацијата од МВР дека утре доаѓа висока делегација од Германија предводена од претседателот на земјата.

„Со оглед на тоа, ги замолив превозниците да покажат со гест дека не сакаат да го нарушат угледот на државата и да не ги отежнат безбедносните протоколи, да се повлечат од блокадите во период на присуство на делегацијата односно до четврток, а доколку до тогаш не се постигне некаков договор со Градот Скопје и ЈСП, на улица ќе излезат повторно во петок“, објасни Јовановски за МИА, потенцирајќи дека во тој случај ќе се блокира со сите 200 автобуси и градот ќе биде блокиран на повеќе сообраќајници сѐ до конечно решавање на проблемот.

„Иако правото на протест не беше спорно дури и во вакви околности, сепак покажавме свест и одговорен однос кон она што е државен интерес. Борбата продолжува и таа никогаш не може да е лесна, ама ќе победиме, најмногу од сè заради тоа што правдата е на наша страна и заради тоа што сме единствени“, подвлече Јовановски.

Денеска, според него, приватните превозници покажале единство и сериозност во намерите да ја истераат правдата на виделина и да го свртат вниманието на целата јавност за проблемот со кој се соочуваат.

„После седницата на Советот на Град Скопје на која присуствувавме видовме дека и на сите советници им е повеќе од јасно дека неспособноста на градоначалничката и менаџментот на ЈСП се оние кои доведуваат до ваквите состојби“, додаде тој за МИА.

Претходно, во однос на седницате на градскиот Совет за советнички прашања, директорот на „Слобода превоз“ истакна дека не ги добиле очекуваните одговори.

„Сакавме да слушнеме што сѐ е планирано околу цела ситуација и кое е излезното решение и каде е проблемот што се создаде за да биде Скопје ставено во една ваква тешка ситуација“, изјави Јовановски, заклучувајќи дека не гледа ниту знаци, ниту желба, дека некој нешто ќе направи во оваа ситуација.

Во неговото 23-годишно искуство со сите градоначалници до денеска, подвлече, немале ситуација некој да им посочи дека треба да тужат, бидејќи сите проблеми што ги имале ги решавале на маса.

„Сега имаме ситуација кога, покрај тоа што никој не сака да седне на маса и да понуди решение, дури нема одговор ни на оние основни прашања што треба да се одговорат и јавноста да ги знае за да ѝ биде појасно зошто сето ова се случува и како некој планира ова да го реши“, рече Јовановски.

Инаку, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер утре доаѓа во дводневна официјална посета, негова прва посета на земјава, чиј фокус, според официјалната веб страна, ќе биде ситуацијата во регионот, влијанието на „руската агресивна војна“ во Украина и тековната поддршка на Германија за перспективите на земјата за пристапување во ЕУ.

Според агендата, се очекува утре напладне тој да има средба со претседателот Стево Пендаровски, по што во 13 и 15 часот ќе имаат заедничка прес-конференција. Во 14 часот ќе се обрати во Собранието, а во 16 и 15 часот ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски во Влада.

На 30 ноември, Штајнмаер во Чифте амам ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја“. Во попладневните часови ќе ги посети ветерниот парк во Богданци, а потоа германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци.

Од МВР веќе најавија дека утре и задутре (29 и 30 ноември), поради посетата на германскиот претседател, ќе има посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје. Од МВР апелираа до сите граѓани и учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: