Ко-претседателот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, Драги Ѓоргиев, потврди дека на 15 септември истоекува нивниот мандат во мешовитата македонско-бугарска историска комисија и дека тој нема да потпише нов договор.
„Јас лично веќе и не би продолжил договорот, но ете и очигледно е дека ќе има промени во Комисијата и дека Владата ќе назначи нови членови, според изјавите на премиерот. Но, искрено и малку се заситивме“, вели академикот во изјава за РСЕ.
На средината на август тој се сретнал со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за да го запознае со досегашната работа на комисијата, но како што вели, „на средбата не стана збор за промени во составот“. Во комисијата инаку има по седум члена од двете страни.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе биде променет составот на македонската страна во Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Според него, актуелниот состав на Комисијата не е заштитник на интересите на Македонците, а во кадровските промени нема политичка заднина.
– Нема политичка заднина во промената на членовите на Мешовитата комисија. Нормално е дека новата Влада, составена од нови луѓе, ќе сака кадровски промени и не гледам што е страшно ако Комисијата има нов состав. Инаку, мое лично мислење е дека актуелната Мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ – рече пред два дена премиерот.
На прашањето кога ќе се случи промената на членовите, тој одговори дека се очекува многу скоро, во текот на овој месец или на почетокот на септември.
Комисијата годинава одржала три состаноци и засега нема напредок, се разговара околу прашањата врзани за Средниот век, а на средбите се дискутирало за содржината на учебниците по историја за основното образование кои го третираат периодот Среден век.