Драконски или ниски – како „Организаторите на 27 април“ добија помали казни од „извршителите“

Ако судот стриктно го следеше Кривичниот законик, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски требаше да добијат вкупна казна од најмалку 40 години затвор, откако беа прогласени за виновни за кривичните дела што им се ставаа на товар во „Организатори на 24 април“. Сепак, судот се одлучи за поблага казна. Зошто?
Виновни се, гласеше пресудата на судечкиот совет во Кривичниот суд Скопје, кој денеска усно ја објави пресудата за предметот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“. Одлуката на судот значи дека Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски го сториле кривичното дело од член 313 од Кривичниот законик – „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Драконски или ниски – како „Организаторите на 27 април“ добија помали казни од „извршителите“

А, според Кривичниот законик, делото од член 313 се казнува со најмалку 10 години затвор.

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години“,

гласи членот 313 од Кривичниот законик.
Ако казната затвор за кривичното дело е најмалку 10 години, тогаш денеска осудените четири лица требаше да добијат вкупно најмалку 40 години затвор. Но, судечкиот совет им изрече значително пониска казна од вкупни 25 години. Или, поединечно:

Трајко Вељановски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 6 месеци;
Спиро Ристовски – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
Миле Јанакиески – пресудена му е казна затвор од 6 години и 3 месеци;
Владимир Атанасовски – пресудена му е казна затвор од 6 години.

Зошто пониски казни од минималните?
Јавното објавување на пресудата траеше повеќе од еден час. Во него судијата Илија Трпков прво ги образложи околностите и последиците од целиот кривично-правен настан.

„Настаните се голем удар врз демократските и граѓанските вредности. Оттаму зачудуваат напорите на лица кои учествувале во настаните да се окарактеризираат како патриоти кои ја бранат Македонија…. Државата се брани со срце, со ум. Времето и историјата ќе покажат што било правилно. Но, ако на секоја одлука за која не се согласуваме насилно влегуваме во Суд или во Собрание, нема да имаме држава“,

кажа судијата Трпков
Потоа, судијата се префрли на опишување на улогата на обвинетите, поради која тие се товарат за кривичното дело од член 313 од КЗ. Објасни дека настаните од 27 април немало да се случат ако немало претходно разработен план. Кажа и дека не ја суди партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку поединци со име и со презиме.

Според него, сите сведоци и обвинетите тврделе дека немале улога во настаните и протестите што им преходеа, но доказите јасно покажале дека дел од обвинетите директно учествувале во организирањето на протестите кои кулминираа со упад во Собранието.

Трајко Вељановски, како претседател на Собранието, намерно го злоупотребувал Деловникот на Собранието со цел да не дозволи мирно примопредавање на власта на новото, декларирано мнозинство во парламентот. На критичниот ден, 27 април 2017 година, бил во комуникација и со Никола Груевски, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Јанакиески и Ристовски, пак, ги координирале и организирале протестите „За заедничка Македонија“ кои во јавноста беа претставувани како граѓански. Барале и ангажирале јавни личности, како актери и спортисти, да зборуваат пред граѓаните. Договарале агенда на протестите, обезбедувале реквизити, организирале рути на движење и поддршка од локалното членство на партијата. Активна во таа комуникација и организациска активност била е поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска, но таа не беше обвинета. Не помалку важно, Јанакиески и Ристовски давале насоки на пратениците и на критичниот 27 април. Владимир Атанасовски, тогашниот директор на УБК, е осуден бидејќи ги кооридинирал и организирал т.н. патриотски здруженија. Под водство на сега осудениот Александар Василевски – Нинџа, кој подоцна и стана клучен сведок, таа група влезе во парламентот со оружје и фантомки и директно учествуваше во нападот на пратениците тој ден. Атанасовски е осуден и бидејќи директно учествувал во уништувањето на хард-дисковите од Собранието, кои беа одземени по настаните од страна на тајната полиција.

И покрај се кажано, кога стигна до казните, судијата Трпков соопшти дека обвинетите се казнуваат под законскиот минимум. Образложи и зошто, но и според која законска основа.

Тие основи се предвидени во повеќе членови во Кривичниот законик, но клучни се членовите 40 и 41.

Ублажување на казната

„Судот може на сторителот да му одмери казна под границата пропишана со закон или да примени поблаг вид казна кога:
1) законот предвидува дека сторителот може да се казни поблаго;
2) ќе утврди дека постојат особено олеснувачки околности кои укажуваат дека и со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето или
3) при донесување пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и
осомничениот.

Граници на ублажувањето на казната
Член 41
(1) Кога постојат услови за ублажување на казната од член 40, судот ќе ја ублажи казната во овие граници ако:
1) за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од десет години, казната може да се ублажи до пет години затвор,

се вели во член 40 и 41 во КЗ.
Или, судијата Трпков искористи законски дадена можност. Но, мораше и објасни зошто го искористил механизмот кој му е на располагање. Затоа, даде детали и за отежнувачките и за олеснитените околности кои се земени предвид при одредувањето на казната.

Како отежнувачки околности Трпков ги наброја:

тежината на кривичното дело кое го нарече „злосторство на елитата“;
високата позиција на некои од обвинетите;
фактот дека можеле да предвидат што ќе се случи и општествената опасност на таквите кривични дела;
степенот на кривичната одговорност како организатори;
последиците по животот и телесниот интегритет.
Олеснителни околности, според Трпков, се:

дека обвинетите имаат семејства;
дека некои обвинети не се осудувани досега;
имаат високо образование;
дека некои обвинети имааат малолетни деца;
дека редовно доаѓале на суд;
дека изразиле жалење и, најверојатно, клучното
дека судот морал да ја земе во предвид амнестијата.

На првиот судски предмет за 27 април, на обвинителна клупа беа т.н. „извршители“ на настаните. Меѓу нив имаше пратеници кои им овозможија на демонстрантите да влезат во зградата на Собранието, потоа насилниците кои кршеа и тепаа во законодавниот дом, како и наводните организатори на протестите. Но, пред изрекувањето на пресудата, Собранието донесе закон за амнестија.

Амнестијата ги опфати петтемина пратеници: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, од кои првите тројца потоа гласаа и за уставните измени. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.

Денеска судијата Трпков, очигледно, не можеше да помине преку фактот дека други функционери воопшто не добија казни за своите дела на 27 април, па реши да ги казни „организаторите“ со пониска казна.

Обвинителството ќе се жали
За еден дел од јавноста, денеска изречените пресуди се драконски. За други, пак, тие се ниски. Но, единствените кои имаат директно влијание во судската постапка се осудените и обвинителството, односно страните во постапката.

Обивинителството, преку обвинителката Гордана Смаќовска, која присуствуваше на денешното судење, веќе најави дека ќе ги обжали казните бидејќи се ниски.

„Зачудена сум што судот спротивно на законот изрече далеку пониски затворски казни од пропишаните, минимум 10 години за вакво дело. За споредба, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за полесно кривично дело, за кое е пропишана казна до 10 години затвор, доби казна од 7 години“,

изјави Смаќоска по рочиштето.
Куќен наместо затворски притвор
Денеска објавената пресуда е само првостепена, што значи дека осудените не се упатуваат на издржување на определената казна затвор туку дека имаат право на жалба до повисокиот, Апелациониот суд. Дури по пресуда во втор степен, односно на Апелација, се изготвува Упатен акт за издржување на затворската казна.

Поради висината на казната и тежината на кривичните дела, Обвинителството побара затворски притвор за осудените. Судот не го прифати во целост барањето на Смаќоска и се одлучи на полесна мерка – куќен притвор. Како што истакна уште при судењето, судијата Трпков беше задоволен од држењето во судница на сега веќе осудените и нивната редовност.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.