Дваесет и двајца будистички монаси беа уапсени денес на меѓународниот аеродром во близина на Коломбо, Шри Ланка, по враќањето од одмор во Тајланд, бидејќи сокриле 110 килограми силен вид канабис, објавија властите, пишува „Танјуг“.
Група монаси, кои се вратија во Шри Ланка по четиридневен одмор во тајландската престолнина, сокриле канабис познат како Куш во својот багаж, објави портпаролот на царината на Шри Ланка, пренесува „Фигаро“ денес.
„Секој од нив транспортирал околу пет килограми дрога скриена во лажни прегради во багажот“, рече портпаролот, додавајќи дека монасите биле предадени на полицијата и ќе бидат изведени пред судија подоцна во текот на денот.
Монасите се претежно млади студенти од храмови низ Шри Ланка, а нивниот одмор го организирал неименуван бизнисмен.
Царинските власти објавија дека станува збор за најголемата заплена на Куш досега реализирана на главниот меѓународен аеродром во оваа јужноазиска земја, пренесува „Танјуг“.



