Државата нема вратено данок на вработените на унгарската авиокомпанија „Визер“ во базата во Скопје од 2023 година досега, пишува порталот СДК.
Пилотите и кабинскиот екипаж кои работат во Скопје, од 2023 се оданочуваат двојно, односно персонален данок на доход плаќаат и во Унгарија и во Македонија. Поради двојното оданочување, данокот во Македонија треба да им биде вратен ако компанијата доставила пресметки и барање до Управата за јавни приходи (УЈП).
Според информации на порталот, пресметките за вработените од 2023 и 2024 година се доставени до Управата за јавни приходи, но до денеска парите на вработените не им се исплатени ниту се знае кога ќе има исплата. Вработените треба да добијат поврат на данок и за 2025, но пресметките за минатата година уште не се направени и доставени до УЈП.
На прашањата на СДК, кои ги поставиле уште пред еден месец во УЈП, зошто се доцни со враќање на данок на вработените во „Визер“, дали има некаков проблем, а ако нема кога ќе биде исплатата, се уште не добиле одгвор.
Во базата на „Визер“ во Скопје има околу 200 вработени. Кабинскиот екипаж е целосно со македонски државјани, додека пилотите се од различни земји. На кабинскиот екипаж за една година треба да им се врати данок во висина од 1.000 до 2.000 евра, додека за пилотите, кои имаат значително повисоки плати, сумата е најмалку двојно поголема.
ИЗВОР: СДК



