Државните регулатори повторно ќе одлучуваат по која цена ќе се продаваат горивата

Двонеделниот либерализиран пазар на нафта и нафтени деривати во земјава во кој компаниите од овој сектор самите ги определуваа малопродажните цени завршува. Новата методологија за пресметка на горивата стапи на сила од вчера, кога и беше објавена во Службен весник и потпишана од страна на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Од понеделник државните регулатори повторно ќе одлучуваат по која цена ќе се продаваат горивата на бензинските пумпи. Освен заработувачката за трговците, главниот критериум од кој ќе зависи малопродажната цена се курсот на доларот во однос на денарот и движењето на суровата нафта на светските берзи.
– Новата малопродажна маржа е 4.6 денари, трошокот за транспорт во државата ќе изнесува 0.75 денари. Сите анализи кои ги правевме во изминатиов период укажуваат дека со новата методологија цените на нафтените деривати, споредено со претходната методологија, се намалуваат во зависност од периодот од 1 до 2 денари. Имало и периоди кога имало драстични промени на светските берзи, изјави  претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Бислимовски, а oбјави ТВ “Аласт“.
Трговците на нафта не се задоволни со заработката од 4,6 денари за продаден литар која ќе ја добиваат, затоа што тие барале да заработуваат од шест до шест и пол денари, вели Бислимовски.
– Им даваме реален разумен профит. Ние по сите регулирани дејности за коишто определуваме цени профитната маргина изнесува, во зависност од годината и дејноста од пет до седум отсто. Ние и сега се држиме во рамките на овие проценти, дополни Бислимовски.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.